Владини поволности за изградба на приватни детски градинки и домови за стари лица

Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев

               

Почитувани,

Пред определен период Владата на Република Македонија формулираше и информираше за пакет на поволности за можноста за изградба на приватни домови за стари лица и за приватни детски градинки, чија цел е поттикнување на приватната иницијатива во оваа значајна сфера од социјалната политика.

Во оваа смисла сакаме да информираме дека Владата на Република Македонија донесе две уредби од областа на комуналните работи со кои се врши и формално правна реализација на овој пакет на поволности.

Првата уредба предвидува сите оние земјишта кои со деталните урбанистички планови се предвидени како локации за изградба на домови за стари лица или за градинки, во процесот на нивна јавна продажба задолжително да се продаваат по почетна цена на наддавањето од едно евро за метар квадратен.

Втората уредба предвидува комуналиите кои се наплаќаат за изградба на објект за дом за стари лица или за градинка да бидат намалени за 95% односно да изнесуваат само 5% од воспоставената општа висина на комуналиите.

Ова значи дека со донесувањето на овие две уредби обврската за почетна цена на наддавањето од едно евро за метар квадратен за локации за изградба на домови за стари лица или за градинки, и обврската за намалување на комуналиите за изградба на домови за стари лица или за градинки за 95%, стануваат задолжителни за секој субјект и на централната и на локалната власт. Ова значи и воспоставување на соодветни правни претпоставки кои значат предвидливо опкружување за правните приватни субјекти кои имаат интерес за инвестирање во оваа област што би значело и дополнително нивно охрабрување за инвестицијата.

Покрај ова, Владата преку Македонската банка за поддршка на развојот обезбеди и четири евтини финансиски инструменти кои можат да им послужат на приватните субјекти како извор на средства за реализација на инвестицијата, меѓу кои инструменти се и поволните кредитни линии  со каматна стапка од 5,5 % која ја субвенционира Владата, и овие евтини инструменти се поставени на интернет страницата на Владата и на Министерството за труд и социјална политика за да може секој во секое време да се запознае со нивните детали.

Како дел од поволностите од пакетот, Владата предвиде и поволности што се нудат преку Агенцијата за вработување на Република Македонија кои значат можност за контрибуција и субвенционирање за вработувања на лица во овие потенцијални инвестиции.

На овој начин и со овие поволности се заокружува еден добар бизнис пакет кој што заинтересираните единки од бизнис заедницата можат да ги искористат за реализација на инвестиција во дом за стари лица или во детска градинка, и на тој начин од една страна да отворат работни места и да реализираат профитабилен бизнис, а од друга страна да придонесат за реализација на пошироките општествени цели во областа на социјалната политика.

Она што е исто така значајно е фактот што Владата и општините, веќе имаат изнајдено и конкретни локации кои се предвидени во деталните урбанистички планови за изградба на домови за стари лица и детски градинки, но и имааат изнајдено и посочено постоечки објекти во кои што може да се реализираат инвестиции во домови за стари лица или градинки по пат на јавно приватно партнерство, продажба на објектот или закуп на објектот. Во оваа смисла посочени се вкупно:

-23 локации за изградба на приватни детски градинки,

-14 објекти (за давање под закуп,ЈПП или продажба) за отварање на приватни детски градинки,

-30 локации за изградба на приватни домови за стари лица,

-55 објекти (за давање под закуп,ЈПП или продажба) за отварање на приватни домови за стари лица.

Владата и општините ќе продолжат со активностите за изнаоѓање и предвидување на нови дополнителни локации или пак објекти за овој тип на намена.

Сите мерки и активности, и овие податоци за локациите и за објектите Министерството за труд и социјална политика ги има јавно објавено на својата интернет страница, и секој субјет може да се запознае со нив, и да ги искористи за анализи, правење планови и слично. Исто така, заради поддршка на процесот Министерството за труд и социјална политика отвори и бесплатна телефонска линија 15 505 и електронски адреси investicija@mtsp.gov.mk и investicii@mtsp.gov.mk  на кои може да се пријават потенцијални инвеститори, а неговите претставници се подготвени за одржување на поединечни состаноци со сите заинтересирани правни и физички лица кои изразуваат интерес да инвестираат во изградба на домови за стари лица и детски градинки, за да може да се поразговара, да се разменат ставови, да се појаснат определени прашања и да се даде советување за поедини аспекти од интерес на приватниот субјект.

Ги повикуваме сите заинтересирани субјекти да ги искористат овие можности. Ова е добар бизнис пакет на поволности за реализација на инвестиција, кој нуди реализација на профитабилен бизнис, отворање на нови работни места и реализација на целите на социјалната политика.