Премиера на документарецот „Сведоци (Канада)“

Во Кинотеката на Македонија денеска премиерно беше прикажан долгометражниот документарен филм „Сведоци (Канада)“, по сценарио и во режија на Атанас Чупоски, виш филмолог во Кинотеката. Од следната недела филмот ќе биде прикажан и на МТВ.

Вториот дел од долгометражниот документарен филм „Сведоци“ е автентично сведоштво за тешката судбина и личната драма на децата бегалци од Граѓанската војна во Грција, кои својот живот го продолжиле во Канада.

- Во овој филм се забележани искажувањата на 93 соговорници, Македонци со потекло од Егејска Македонија, кои беа прогонети, дискриминирани и репресирани поради сопствениот македонски, етнички, јазичен и културен идентитет. Ова е нивната приказна, нивната животна историја  која ни ја открива вистината и голгота со која се соочуваа децата- бегалци во почетокот на 20-тиот век, истакна пред промоцијата министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

Таа додаде дека проектот „Евидентирање, фотографирање, снимање и архивирање на видеоматеријали и разговори со Македонци протерани од Егејска Македонија во 20 век“ е исклучително значаен, од програмата на Владата и Министерството за култура. Проектот почна во 2010 година и во неговата реализација беа вклучени бројни историчари и други стручни лица од Институтот за национална историја, Сојузот на Македонците по потекло од Егејот - „Македон“, Сојузот на здруженија на децата прогонети од Егејска Македонија - „Незаборав“ и Сојузот на стопанските комори.

Во изминатиот период, како што рече Канческа-Милевска, документирани се и архивирани 650 животни приказни на децата-бегалци од Граѓанската војна во Грција, како и на преживеаните учесници, кои денеска живеат во Македонија, Канада и во  Австралија.

Првиот дел од трилогијата содржи 427 интервјуа реализирани во повеќе градови во Македонија и беше прикажан пред македонската јавност во 2012 година. До крајот на годината се очекува да се заврши третиот сегмент кој ќе ги содржи 128-те потресни приказни на Македонците кои денес живеат во Австралија, снимени во текот на 2013 година. До 2016 година ќе се реализираат и интервјуа со децата бегалци  од САД, Чешка, Полска, Албанија и други земји од Европа. 

- Сите овие искажувања, обемната документација што ja обезбедивме и што нашите соговорници ни ја подарија, наскоро ќе бидат презентирани и во постојаната историска поставка посветена на децата бегалци од Егејска Македонија, која ќе биде дел од Музејот на Македонија, рече Канческа-Милевска.

Директорката на Кинотеката на Македонија Мими Ѓоргоска-Илиевска истакна дека проектот има за цел да се зачува културното и историското наследство од Егејска Македонија, поточно на протераните Македонци за време на Граѓанската војна во Грција.