Темелна реконструкција на Албански театар-Скопје

Објектот во кој е сместен Албанскиот театар-Скопје по 40 години постоење ќе биде темелно реконструиран и се очекува до септември идната година да биде пуштен во употреба.

Темелната санација и адаптација на установата, под чиј покрив заедно работат Албанскиот и Турскиот театар и позната како Театар на народностите, е инвестиција на Владата на Република Македонија во вредност од околу 8 милиони евра.

По реконструирањето таму самостојно ќе работи Албанскиот театар, а ансамблот на Турскиот ќе добие свој матичен театар, кој ќе почне да се гради овој месец спроти Железничката станица во Скопје.

Градежните работи со кои НУ Албански театар-Скопје ќе добие нов лик и модерна сценска техника симболично почнаа денеска во присуство на  претседателот на Владата Никола Груевски, вицепремиерот за спроведување на Рамковниот договор Муса Џафери и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска. Тие во своите обраќања истакнаа дека инвестицијата е важна за развој на културата на Албанците во Македонија и дека новите современи услови ќе бидат мотив повеќе за актерите и нивната креативност.

Премиерот Груевски рече дека и овој театар во изминатите години работел во услови на дотраеност и руинираност кои не ги задоволуваат основните критериуми на дејноста и поради тоа Владата одговорила на неговите потреби со проект за темелна реконструкција и адаптација на објектот во кој Албанскиот театар од своето 63-годишно постоење работи четири децении.

- За оваа намена Владата издвои околу 500 милиони денари или околу 8 милиони евра со кои ќе се реализира најобемниот проект од основањето на Албанскиот театар во Македонија. Ќе се интервенира во  архитектурата, ентериерот, акустиката, сценската технологија, аудио и видео системите, термотехничките и електричните инсталации, хидротехничките инсталации или, со еден збор, ова ќе биде еден сосема нов лик на оваа установа, што е блиску до речиси нова изградба, истакна премиерот Груевски.

Тој посочи и на други инвестиции во театарската дејност - реконструкција на стариот театар во Гевгелија, отворањето на новиот МНТ, во завршна фаза изградбата на Велешкиот театар, почеток на градба на Струмичкиот и на Турскиот театар, како и нов театар во Тетово за кој треба да биде објавен тендер за градба, а преку јавно-приватно партнерство во план е и изградба на нови згради за Драмскиот театар и на Театар Центар во кој ќе се всели Театарот Комедија.

Нагласи дека има и други проекти со кои се негува албанската култура, како отворањето на Музејот на албанската азбука  со постојана поставка  во Битола, театар во Куманово како посебна единица во Центарот за култура, поддршката за Институтот  за духовно наследство на Албанците и постојаната поддршка на изданија на албански јазик, фестивали и манифестации од образованието и културата.

Вицепремиерот Џафери истакна дека Албанскиот театар е најважниот храм на албанската култура во Македонија и затоа, како што рече, нема позаслужна институција за ваква капитална инвестиција.

- Ова ќе придонесе за натамошно развивање на културата, а посебно на театарската уметност на Албанците во Македонија. Модернизираниот објект на театарот ќе биде стимул и мотив за поуспешна и поквалитетна работа на актерите и ќе придонесе за културното унапредување на Албанците, но и за сите култури во Македонија. Ќе биде и додатна вредност за сите љубители на театарот и дополнителен ентузијазам за целиот персонал на оваа устанава, рече Џафери.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска подвлече дека значајно за зградата што ќе се реконструира е тоа што е прв ѕидан театарски објект изграден во Скопје по земјотресот во 1963 година.

- Албанскиот театар остави заначен белег за културата и историјата во Македонија и уметниците од овој театар заслужуваат да работат во најсовремени услови. Ќе има сосема нов објект. Стариот ќе се сруши, ќе останат само темели и објектот ќе се гради на основната плоча на театарот. Се надевам дека ќе се одржи динамиката и во септември следната година ќе го отвориме со нова претстава, изјави министерката за култура.

За инвестицијата се заблагодари и директорот на НУ Албански театар-Скопје Адем Карага, според кого потенцијалот на актерите заслужува функционален простор за творење претстави конкурентни  со театрите во регионот и во светот.

- Актерите со многубројните премиери и изведби, награди и признанија докажаа дека заслужуваат таков објект. Оваа сцена произвела над 300 премиери, илјадници изведби, а оваа сала доживеала аплаузи од десетици илјади гледачи, рече Карага.

Проектант на новиот објект е Мегарон-Инженеринг ДОО Скопје, а изведувач Ламоне Мореда од Италија. Додека трае целосната  реконструкција, ансамблите на Албански и на Турски театар ќе работат во стариот објект на МНТ, како и на сцените на другите театри.