Конкурси за стипендии за студии во странство

Министерството за образование и наука во понеделник во печатените медиуми и на веб-страницата www.mon.gov.mk ќе објави три конкурси за академската 2014/2015 година за  стипендии во странство за македонски студенти, а аплицирањето ќе трае до 1 септември 2014. 

Ќе има конкурс за стипендирање студии за тие што ќе запишат прв, втор или трет циклус на некој од првите 100 универзитети, односно првите 200 од областа на техничките науки, според последната објавена ранг-листа на универзитет Џиао Тонг од Шангај,  конкурс за прв или втор циклус на реномирани универзитети од областа на ликовната уметност, кинематографијата и филмската продукција, драмската уметност и музиката, согласно со ранг-листата изготвена во соработка со македонското Министерство за култура, и конкурс за  доделување  стипендии за прв и втор циклус на студии од областа на филмската и музичката уметност на Академијата за филмска и телевизиска уметност (ФАМУ) во Прага.

Во конкурсите ќе бидат наведени критериумите кои заинтересираните студенти треба да ги исполнат, меѓу кои е и  активно познавање на јазикот на кој се изведува наставата на високообразовната установа.  Сите три вида стипендии обезбедуваат уписнина, месечен надомест и трошоци за превоз. Шангајските стипендии се движат од 6.000 до 60.000 евра годишно, уметничките од 20.000 до 80.000 евра годишно и стипендиите за ФАМУ околу 23.000 евра за година.

Министерот за образование и наука Спиро Ристовски денеска на прес-конференција рече дека за студирање на универзитетите од Шангајската листа и на факултети од областа на уметностите бројот на стипендии е неограничен и сите кандидати кои ќе ги исполнат условите, ќе бидат и корисници на соодветната стипендија.

-  Нивна обврска е по стекнувањето на дипломата, да се вратат и да работат во државниот или во приватниот сектор во Република Македонија, во период двојно поголем од времето поминато на студии, рече Ристовски.

Соопшти дека од година в година значително се зголемува интересот за  стипендиите наменети за студентите кои се запишуваат на факултетите според Шангајската листа и во однос на првата година, кога  беа доделени 13, оваа година се доделени вкупно 38 стипендии за сите циклуси на студии.  

Очекува да се зголеми интересот и за стипендиите за додипломски и постдипломски студии од областа на уметностите, кои беа воведени минатата година, кога беа доделени вкупно девет.

За разлика од првите две категории, бројот на стипендии за прв и втор циклус на Академијата за филмска и телевизиска уметност (ФАМУ) во Прага е ограничен и годишно се доделуваат четири, согласно со   меморандумот за соработка кој е потпишан со таа установа.

Стипендиите за ФАМУ се воведени пред три години и вкупно  11 македонски студенти (4 од прв и 7 од втор циклус на студии) ја искористиле.