Јанакиески: Продолжува инвестицискиот циклус во железничкиот сектор

Изградба и реконструкција на железнички пруги на коридорите 8 и 10 и и подобрување на железничкиот превоз преку набавка на патнички и товарни вагони, се дел од активностите што Министерството за транспорт и врски ги реализираше во текот на минатата година.

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески денеска давајќи осврт на сработеното најави дека и годинава продолжува големиот инвестициски циклус кога меѓу другото е планирано да започне изградбата на железничката пруга од Куманово до Бељаковце долга 30 километри. За реализација на проектот обезбедени се 46, 4 милиони евра. Паралелно со ова, се работи на обезбедување финансиски средства и за делниците од Бељаковце до Крива Паланка и од Паланка до границата со Бугарија.

Досега изработени се и физибилити студија и идејни проекти за железничкото поврзување со Албанија, а во тек е и тендерската постапка за избор на консултант кој треба да ги изработи основените проекти.

Минатата година завршен е и ремонтот на две железнички делници на потегот од Табановце до Гевгелија, а дополнително е планирана и модернизација на делницата Ногаевци-Градско-Кукуречани до Неготино.  

Во тек на реализација е и проектот за подобрување на инфраструктурата и зголемување на брзината за три железнички делници долж Коридорот 10 и тоа Куманово - Дељадровце, Драчево - Велес и Битола – Кременица.

Годинава се очекува да започне и модернизацијата на железничката станица во Скопје која е изградена по катастрофалниот земјотрес, а предевидена е и реконструкција на уште десет железнички станици долж Коридорот 10 меѓу кои во Битола, Велес, Прилеп, Гевгелија, Демир Капија и Неготино.  

Во насока на подобрување на железничкиот превоз минатата година склучен е договорот за набавка на 150 нови товарни вагони, а во тек е и набавката на шест нови  железнички гарнитури за превоз на околу 1.200 патници.