Груевски очекува фармацевтите да имаат разбирање за одлуката за поевтинување на лековите


Владата нема да попушти на притисоците на некои фармацевтски компании кои реагираа на одлуката за поевтинување на над 1.200 лекови, предлог што веќе е доставен до Собранието на Република Македонија.
- Јасно е дека ќе опстоиме на тоа. Со поевтинувањето на над 1.200 лекови ќе имаат корист над 200.000 хронично болни пациенти годишно и околу 40.000 акутно болни. Се надеваме дека фармацевтските компании ќе имаат слух за промените што се актуелни и во Европа и светот и ќе разберат дека се работи за меѓународни стандарди и општата корист на македонските граѓани, изјави премиерот Никола Груевски.


Тој додаде дека, и покрај таа новина, фармацевтите ќе си имаат профит, но не, како што рече, на грбот на пациентите.


- За некои лекови цените ќе бидат подрастично намалени до 40 и 50 проценти па и повеќе, додаде претседателот на Владата одговарајќи на новинарски прашања по посетата на реконструираниот дел од гостиварската болница.