Целосно реконструиран коловозот на регионалниот пат Струга-Дебар

Премиерот Никола Груевски попладнево во струшкото село Враништа го пушти во употреба регионалниот патен правец Струга – Дебар. Со вкупна инвестиција од 580 милиони денари коловозот во должина од 50,9 километри е целосно реконструиран и рехабилитиран.

Проектот се реализираше во две фази, во првата, од 2009 до 2012 година дотраениот асфалт беше заменет со нов во должина од 24,2 километри и се постави нова еластична одбојна ограда. Воедно, се санираше слечиштето кое сериозно го загрозуваше сообраќајот. Минатата година, останатите 26,7 километри се реконструираа, а беше поставена и сообраќајна сигнализација.

- Патот Струга – Дебар е најзначајниот патен правец на кој се работеше изминатиот период во овој дел од Македонија. Беше во многу лоша состојба, со намалена безбедност и отежнато движење на моторните возила. Денес со задоволство можеме да констатираме дека е целосно реконструиран со што се подобрија условите за патување, комуникација и севкупно се подобри животот на голем број граѓани кои тука секојдневно минуваат. Сигурен сум дека новиот пат ќе придонесе за подобрување на локалното стопанство, за развој на туризмот, за транспортерите, земјоделците, преработувачите, трговците, како и за зголемување на регионалната и економската соработка меѓу Македонија и Албанија, рече Груевски пред пуштањето на патниот правец.

Реконструкцијата на овој коловоз, напомена, не е ниту прва, ниту последна инвестиција од ваков карактер во западна Македонија. Ќе следуваат, најави, уште многу вакви проекти, но најзначаен е изградбата на автопатот Кичево – Охрид во должина од 57 километри.

- Вредноста на овој проект се проценува на 374 милиони евра и претставува највисоката инфрастуктурна инвестиција во поновата историја на Македонија. Предвидено е да почне оваа година и да се гради во следните четири, потенцира премиерот, додавајќи дека градењето на овој автопат ќе биде од големо значење за југозападниот и полошкиот регион на Македонија.

Преку овој капитален проект, како што посочи, ќе се раздвижи економијата, градежните фирми ќе имаат полни раце работа, ќе се забрза локалното стопанство, влезот на нови странски инвестиции и отворањето нови работни места.

- Сето тоа, но и многу други проекти што ги планираме ни даваат за право да очекуваме добри години и севкупен развој на регионот, зголемување на вработеноста и подобар живот за нашите граѓани, нагласи Груевски.

Тој уште еднаш потсети дека Владата на почетокот од годинава најави остварување инвестиции од секаков аспект, особено во патиштата, железницата, училиштата, спортските објекти, странските вложувања, туризмот, здравството, земјоделството, културата, енергетиката,...

Од 2006 до 2013 година се изградени, реконструирани или рехабилитирани преку илјада километри патишта, четири автопатни делници, три магистрали, 32 регионални и 302 локални патишта.

Според директорот на Агенцијата за државни патишта Љупчо Георгиевски, само минатата година се изградени или реконструирани 145 километри локални патишта во вредност од 13,4 милиони евра. Завршени се со градба или реконструкција уште 14 магистрални и регионални патни правци во должина од 148,5 километри и вредни 1,6 милијарди денари.

- Еден од нив е и патот Тетово – Јажинце што денеска официјално го пуштивме во употреба, Бошков мост – Гарски мост, Радовиш – Конче – Лубница, Кавадарци – Мушов Гроб, Радовиш – Струмица,..., рече Георгиевски.

Активностите на автопатската делница Демир Капија – Смоквица, информира директорот, течат според зацртаната динамика и треба да завршат во 2016 година со што автопатот „Александар Македонски“, дел од Коридорот 10, ќе биде целосно изграден.

Првиот квартал од оваа година, како што најавија премиерот Груевски и директорот Георгиевски, ќе почне изградбата на автопатите Кичево – Охрид и Скопје – Свети Николе – Штип.

Претседателот на Владата попладнево ја пушти во употреба и целосно реконструираната канализациска мрежа во струшкото село Мороишта.