Честитка од Груевски по повод празникот Богојавление-Водици

До: Поглаварот на Македонска Православна Црква - Охридска Архиепископија
Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан



    Ваше Блаженство,

    Дозволете ми во мое лично име и во име на Владата на Република Македонија, Вам лично, на Вашето свештенство и монаштво, како и на сите православни верници во Република Македонија и дијаспората, да Ви го честитам големиот христијански празник – Богојавление Водици.

    Овој ден со сета своја духовност, значење и вековни традиции, од секогаш претставувал еден од најубавите и најрадосни празници во македонското православие. Исусовото крштевање е симбол на духовното раѓање и почеток на човековото живеење во верата и богоугодниот пат. Симболиката на овој празник секоја година одново и одново не зацврстува во верата и не поттикнува да го негуваме и шириме учењето Христово за мирен и спокоен живот, за покајание и прочистување, за трпение и дарување, за вредности и принципи важни за човековото живеење.

    Како што тоа било векови наназад, така и оваа година, масовно и бериќетно, во радост и среќа да го прославиме овој голем празник, со семејството и ближните, споделувајќи ги вредностите на кои не учи нашата вера, меѓусебното почитување и разбирање, трпеливоста и мудроста. Само така возможен е напредок и развој, обединување и единство.

    Ви посакувам многу здравје, успех и напредна и бериќетна година!

    Нека ни е честит големиот христијански празник !


    БОГ СЕ ЈАВИ !
    НАВИСТИНА СЕ ЈАВИ !

    Со почит,

Никола ГРУЕВСКИ