Груевски: Со два закони револуционерни промени во областа на администрацијата

Премиерот Никола Груевски во денешното обраќање пред претставниците на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) и на Конфедерацијата на слободните синдикати на Македонија (КСС) се осврна на два битни закони со кои се прават револуционерни промени во областа на администрацијата.

Со овие закони се подобруваат правата и позициите на вработените во јавниот сектор, се креира предвидливо, фер и праведно опкружување.

- Овој закон обезбедува департизација и деполитизација на администрацијата и создавање стручна администрација која ќе биде сервис на граѓаните и компаниите. Во неа ќе се влегува и ќе се напредува единствено и исклучиво врз основа на личните способности, знаења и вештини на поединецот. И покрај сите обиди за девалвација на законот од страна на опозицијата, јас сум цврсто убеден дека со неговото стапување во сила суштински ќе се реформира оваа област и ќе се обезбедат многу придобивки за целото општество, нагласи премиерот Груевски.

Со Законот за вработени во јавен сектор и со Законот за административни службеници, појасни, ќе биде воспоставена законска рамка која ќе го регулира статусот на сите вработени во јавниот сектор, во кој покрај административните службеници ќе бидат опфатени и службените лица со посебни овластувања,  давателите на услуги од областа на здравството, образованието, културата и други дејности од јавен интерес, помошно техничкиот персонал, со посебен акцент на административните службеници.

Овие закони, истакна Груевски, ќе овозможат суштинска реформа во сите аспекти на јавниот сектор, преку голем број новини.

- Со Законот за вработени во јавен сектор се гарантира еднаков пристап до работните места во јавниот сектор кој ќе се базира на принципите на стручност, компетентност, еднаков пристап и транспарентност, што ќе значи дека за секое работно место, било да се работи за хигиеничар, лекар, професор, државен службеник, полицец или друго работно место во јавна институција, под еднакви услови, врз основа на својата стручност и компетентност ќе може да аплицира и да биде примен секој граѓанин на Република Македонија, дециден е претседателот на Владата на Република Македонија.

Со Законот за административни службеници ќе се воведе системот на компетенции како основ за управување со човечките ресурси, ќе се воспостави единствена класификација на работните места, целосно ќе се разработи постапката за пополнување на новите работни места преку вработување, унапредување и мобилност, која ќе се базира на принципите на стручност, компетентност, еднаков пристап и транспарентност.

Со новата законска рамка, подвлече Груевски, првпат ќе се воспостави целосен систем на управување со учинокот, кој ќе треба да овозможи мотивација на административните службеници за унапредување на нивната работа.

- Преку една целосно разработена транспраентна постапка во која наместо како досега да учествува само претпоставениот (шефот), ќе учествуваат и четири други колеги со кои службеникот соработувал, како и двајца оценувачи надвор од институцијата, кои ќе бидат граѓани во случаи каде службеникот има непосреден контакт со нив. Ќе се врши оценување на административните службеници, со тоа што на 5 проценти на службениците кои се оценети со највисока оценка ќи им биде даден бонус од една плата, додека последните 5 проценти најслабо оценети административни службеници ќе бидат санкционирни, образложи премиерот Груевски.

Со двата закони, потенцира тој, се зајакнуваат правата на вработените во јавниот сектор и на административните службеници, со тоа ште се гарантира склучувањето синдикални договори, се гарантира учество на претставнци на синдикати во дисциплинската постапка и во Комисијата која ја спроведува постапката за оценување, а кои ќе треба да бидат гарант за заштитата на правата на вработените. 

- Новите закони оневозможуваат поништување на конкурси во ситуации кога не се квалификувале на испитите оние кандидати кои раководителот на институцијата ги посакувал и се става ред како никогаш до сега при приемот на нови вработени со цел да се примат најдобрите и најспособните. Оваа реформа ќе ја направи Република Македонија посилна, понапредна и помодерна земја, рече премиерот Груевски во денешното обраќање пред претставниците на ССМ и на КСС.