Втора фабрика на „Џонсон Контролс“ во Македонија

Новата инвестиција на реномиранииот светски бренд „Џонсон Контролс“ во Македонија во фабрика  за тапацир и производство на навлаки за автомобилски седишта, е првиот индустриски капацитет во Технолошко индустриската развојна зона во Штип.

Новиот објект беше пуштен во употреба денеска во присуство на премиерот Никола Груевски, Петар Хеифт, генерален директор на ТРИМ групацијата „Џонсон Контролс“, амбасадорот на САД во Македонија Пол Волерс и директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Виктор Мизо.

Премиерот Груевски на свеченоста истакна дека Џонсон Контролс беше и првата странска компанија која по првичната инвестиција во ТИРЗ зоната во Скопје 1 се одлучи и на втора инвестиција во Македонија и тоа во ТИРЗ зоната во Штип.

- Придобивките од оваа фабрика се големи и повеќекратни. Инвестицијата се проценува на околу 20 милиони евра, а е проектирана да вработува околу 1.400. Досеа над 900 граѓани од Штип, Пробиштип, Кочани, Велес, Свети Николе и другите околни градови веќе работат во новата фабрика. Џонсон Контролс внесе многу свежина во стопанскиот живот во Штип и околината. Почетокиот на работа на фабриката внесе и нова конкуренција во дејноста. Се покажа еден нов начин и организација на работа, се имплементираа високите стандарди за заштита и мотивација на вработените. Едноставно еден нов ветер во стопанството кој делува позитивно од секој аспект, рече Груевски.

Тој забележа дека странските директни инвестиции се од големо значење за развојот на државата.

Изминатите неколку години беа тешки, забележа Груевски, не само за нас како држава, но и за глобалната економија во целина. Во тој контекст, според него, реализацијата на напорите на Владата за економскиот раст немаше да бидат реални доколку не постоеја странските инвестиции и влезот на свеж капитал во земјата.

- Таквите наши напори и резултати досега се нотирани и забележани од сите меѓународни светски институции, агенции, весници и фондации кои ги следат економиите и економските параметри на земјите во светот. Неодамна уште една таква потврда пристигна од Фондацијата Heritage и етаблираниот њујоршки весник Волстрит журнал кои нашата држава ја рангираа на 43 место според индексот на економски слободи. Како што беше истакнато, Македонија е лидер на Балканот и пример за многу други земји во Европа.  Според овој извештај Република Македонија е дваесеттата економски најслободна земја во Европа пред многу земји од Балканот, но и пред повеќе земји од ЕУ како што се Кипар, Шпанија, Полска, Унгарија, Словачка, Бугарија и Романија, посочи Груевски.

Според него, токму тоа е потврда за залагањето на Владата, но и одличен сигнал за странските инвеститори да дојдат и да инвестираат во Република Македонија.

- Интересот за инвестирање е зголемен. Со повеќе компании сме во завршни преговори за реализација на инвестиции, а сосема наскоро очекуваме дел од компаниите да ги официјализираат своите планови. Во оваа насока се надевам дека Џонсон Контролс многу наскоро ќе има нови соседи во ТИРЗ во Штип, а многу наши граѓани ќе имаат можност да се вработат во етаблирани и високо професионални компании, рече Груевски.

Генералниот директор на ТРИМ групацијата на Џонсон Контролс Питер Хеифт на отворањето на новата фабрика  за тапацир и производство на навлаки за автомобилски седишта истакна дека Џонсон Контролс претставува глобална мулти индустриска компанија која што е докажана во автомобилската индустрија, градежништовто и индустријата за акумулатори.

- Ни претставува особено задоволство официјално да го отвориме нашиот нов објект во Штип. Сакаме да станеме член на локлната заедница. Оваа фабрика претставува важен дел од нашата европска производна мрежа што обезбедува високо квалитетни производи  за нашите клиенти, производителите на автомобили,  рече Хеифт.

Тој вели дека во новата фабрика во ТИРЗ зоната во Штип се произведуваат автомобилски навлаки за европскиот пазар и за Русија. Фабриката опфаќа површина од 12.500 квадратни метри и со неа се отворија околу 1.000 работни места.

Директорот на ТИРЗ, Виктор Мизо истакна дека денеска по четири години од својата прва инвестиција светски реномираната компанија Џонсон Контролс ја отвори и својата втора фабрика во ТИРЗ зоната во Штип. 

- За нас како дирекција на ТИРЗ зоните секојдневен приоритет е да го подобруваме впечатокот и по периодот на реализација на конкретната инвестиција односно целосна фокусираност кон подобрувањето и олеснувањето на работењето на компаниите и тоа на сите полиња од нивното дејствување. Џонсон Контролс на површина од 4,9 хектари изгради производствен објект со површина од 13.230 метри квадратни од кои делот за производство е 12.600 метри квадратни, рече Мизо.

Според него, влезот на странскиот капитал директно влијае врз подобрувањето на економската состојба во земјата, а лоцирањето на оваа компанија во штипскиот регион најдиректно влијае и придонесува да се подобри животниот стандард не само на граѓаните на Штип, туку и на граѓаните од околните градови.