Ристовски: Новиот концепт на екстерно тестирање се спроведува успешно
Екстерното тестирање во сите 96 средни училишта во Македонија се спроведе непречено и не се пријавени технички проблеми. Тестирањето по првиот од двата предмета почна навреме, во 9.30 часот. Полагаа приближно 20.000 матуранти (трета или четврта завршна година средно образование), опфатени беа 2.900 наставници по вкупно 1.524 предмети од гимназиско, стручно и уметничко образование.
Министерот за образование и наука Спиро Ристовски е задоволен од екстерното тестирање кое, по воведувањето минатата година, оваа се спроведува според нови правила и системски решенија. На прес-конференција тој истакна дека има исклучителен напредок во реализацијата, зашто концептот е многу подобрен во функционалноста. Учениците ги знаеја однапред прашањата а потоа, врз основа на распоредите од 19 јануари, ги знаеја двата предмета по кои ќе бидат тестирани.
- Лично сметам дека ваквиот начин на екстерно тестирање и целиот овој сиситемски пристап на Министерството за образование, Државниот испитен центар, со исклучителна улога на училиштата и директорите, но пред се на учениците, родителите и целокупната јавност со можноста да го коментираат и оценуаваат квалитетот на прашањата, придонесоа да се подобри квалитетот и содржината, така што на крај бенефит од целиот овој процес ќе имаат учениците, наставниците и целиот образовен систем во Република Македонија, рече Ристовски.
На денешното тестирање немало пријава за технички проблеми во системот, освен неколку со ПИН-конекцијата за ученикот да одговара на тестот, кои се минорни зашто веднаш им бил креиран нов ПИН. Во две училишта - „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово и „Добри Даскалов“ во Кавадарци - почетокот доцнел поради проблеми со интернетот, но по половина час и таму процесот се одвивал непречено.
На некои реакции од ученици дека во тестот имало прашања од материјалот што се уште не го учеле, т.е. се за второ полугодие, министерот рече дека МОН не примило таква пријава во текот на еден месец кога сите, околу 60.000 прашања, им беа достапни на учениците и на јавноста.
Ристовски апелираше до директорите на училиштата сериозно да ја сфатат својата улога во процесот екстерно тестирање зашто тоа не е одговорност само на МОН. Причина за неговиот повик е што неколку директори од внатрешноста на државата се дистанцирале од процесот и не одговориле повратно на барањето за верификација на списоците на ученици и проверка на распоредот на предмети што им ги пратило МОН.
Вториот предмет од екстерното тестирање матурантите ќе го полагаат в петок. Без оценка од екстерно тестирање тие нема да добијат свидетелство на крајот на учебната година. Оние, пак, кои оправдано отсуствуваат, ќе бидат тестирани дополнително.