Ѓорѓиев:Новата позиција на Каргов потврда на довербата во неговата работа и резултати
Ванчо Каргов од позицијата директор на Царинската управа е именуван за претседател на Инспекцискиот совет. Одлуката, како што потврди портпаролот Александар Ѓорѓиев, Владата ја донесе на вчерашната седница.
- Владата на Република Македонија цени дека во досегашната работа како директор на Царина Ванчо Каргов покажа исклучително позитивни квалитетни резултати и дека со својот ангажман и со своето раководство на Царината успеа да направи квалитативна позитивна трансформација на институцијата која прерасна во пример за брза, ефикасна услуга кон граѓаните, кон компаниите кои се предодредени во определен период да соработуваат со неа, изјави Ѓорѓиев.
Додаде дека за својата работа Каргов има добиено и голем број меѓународни признанија на светско ниво, а цариниците, исто така, имаат поголем квалитет под неговото раководство што е докажано и со голем број меѓународни признанија.
- Токму поради овие причини, поради квалитетот во работата на Каргов и неговите способности, неговите знаења, Владата одлучи во идниот период тој да биде претседател на Инспекцискиот совет, тело кое што ќе биде централен столб на една од најзначајните суштински реформи што ги преземаме во целокупниот наш мандат, а тоа е реформата на инспекциските служби. Позитивните резултати кои Каргов ги направи во Царината очекуваме да бидат пресликани во рамките на Инспекцискиот совет. Да покаже и на новата позиција позитивни резултати и директно под негово ракводство да се имплементира оваа реформа која ќе значи огромна корист за целото општество и за граѓаните и за компаниите и за општеството и на тој начин да се остварат повеќе и поголем број општествени цели, изјави владиниот портпарол.
Владата на вчерашната седница именуваше и четворица од предвидените шест членови на Испекцискиот совет. Избрани се Војислав Димитровски од областа на земјоделството, шумарството, ветеринарството и безбедноста на храната, Иринка Ќосева од областа на градежништвото, урбанизмот и транспортот, Марина Поповска Домазетовска од областа на животната средина и заштита на здравјето на луѓето и Александар Брезовски од областа на надзорот на пазарот, работните односи и безбедност и здравјето при работа. Во наредниот перид треба да се изберат членовите од областа на образованието, науката и културата и управа и управни работи.
За нов директор на Царинската управа е именувана Наташа Радевска - Крстевска која беше раководител во Секторот за второстепена управна постапка во Министерството за финансии.