Првпат во Македонија се воведува Протокол за безбедна хирургија

Протокол за безбедна хирургија првпат се воведува во сите хирушки одделенија во јавните и приватните здравствени установи во Република Македонија согласно искуствата и практиките на СЗО.  Протоколот е објавен во Службен весник и неговата примена е задолжителна за сите хирушки одделенија. Целта е воведување национални стандарди за безбедна хирургија, што значително ќе придонесе за минимизирање на ризикот за компликации и несакани настани што можат да се превенираат при вршење хируршки интервенции.

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, по средбата со членовите на советодавниот комитет: проф. д-р Миодраг Врчаковски, проф. д-р Борче Георгиевски, проф. д-р Никола Јанкуловски, академик д-р Живко Попов, проф. д-р Кочо Чакаларовски, проф. д-р Катица Зафировска и проф. д-р Сашко Кедев.

Тој посочи дека станува збор за особено важна мерка која произлегла како резултат на заедничката повеќемесечна работа на членовите на комитетот, за чија цел била формирана посебна Работна група. Во креирањето на документите од страна на СЗО, нагласи министерот, беа вклучени повеќе од 100 меѓународни експерти, а при подготвувањето на нашите документи беа консултирани, и свој значително инпут дадоа, и врвните имиња од областа на хирургијата во државата.

- Упатствата содржат и Оперативна листа за проверка за безбедна хирургија (check листа), која е веќе објавена во Службен весник, како и начинот за имплементација, односно сите чекори што треба да се направат пред воведувањето анестезија, пред инцизијата на кожата, пред пациентот да ја напушти операционата сала. Се смета дека користењето на Упатствата и листата за проверка за безбедна хирургија може значително да го намали морбидитетот и морталитетот во здравствните системи, рече Тодоров.    
 
Во упатствата се наведени десет главни цели на безбедната хирургија и тоа: тимот секогаш да оперира кај точниот пациент на точната страна, да користи методи за кои се знае дека ќе превенираат штета од примената на анестетици, при што ќе го заштити пациентот од болка, да препознае и ефективно да се подготви за живото-загрозувачкиот губиток на функцијата на дишните патишта или респираторната функција, да препознае и ефективно да се подготви за ризикот од голем губтик на крв, да избегнува индуцирање алергиска или несакана реакција на лекот за која се знае дека пациентот е со сигнификантен ризик, конзистентно да користи методи за кои се знае дека го минимизираат ризикот за инфекција на хируршкото место, да превенира несакано оставање на инструменти и сунѓери во хируршките рани, да обезбеди и прецизно да ги идентификува сите хируршки примероци, да комуницира и да ги разменува критичните информации за безбедно изведување на операциите и болниците и јавните здравствени системи да основаат рутинско набљудување на хируршките интервенции и резултатите од хируршките интервенции.
 
Статистиката, истакна министерот, покажува дека кај 8 до 12 отсто од пациентите што се примени на болничко лекување во ЕУ се јавуваат несакани настани како резултат на примената здравствена грижа, при што значителен дел отпаѓа на хируршките грешки, што значи дека се работи за глобален проблем, секако присутен и кај нас, при што се јавуваат компликации кои значително влијаат на стапката на морбидитет и морталитет.

- Се смета дека половина од несаканите настани при хируршките интервенции можеле да се избегнат. Според податоците на СЗО, седум милиони хируршки пациенти страдаат од значајни компликации секоја година во светот, еден милион од нив умираат за време или веднаш по операцијата. Како што е наведено во Упатствата, најкритичните ресурси на оперативните тимови се токму знаењата и искуството на хирурзите, анестезиолозите и медицинските сестри, посочи Тодоров.

Додаде дека затоа пристапиле кон донесување посебни упатства за безбедна хирургија, со цел за унифицирање на работата на хируршките тимови во ЈЗУ за да работат поефикасно и заедно да го користат своето знаење и способности во име на пациентот со единствена цел да се избегне, односно минимизира ризикот од компликации опасни по живот при вршењето на хируршки интевенции.

Деканот на Медицинскиот факултет, Никола Јанкуловски изрази надеж дека како и во светот, така и во Македонија, ќе се намали драстично бројот на несакани компликации кои прават зголемување на процентот на морбидитетот и морталитетот кај оперираните пациенти.

- Сметам дека ова е еден голем позитивен чекор кој досега не беше имплементиран во јавните здравствени установи во Република Македонија, додаде Јанкуловски.

Академик д-р Живко Попов истакна дека првпат застануваме рамо до рамо со хирушките установи во Европа и во светот во однос на контролата, и обезбедување на услови за безбедна хирургија.

- Од документот ќе произлезат и други подзаконски акти. Ќе има законска обврска за тие согласности што се во однос на трансфузиона медицина, анестезиологија и реанимација, оперативно лекување, информирање на пациентот од страна на операторот и обострано потпишување. Сите делови се опфатени, ги броевме, над 70 check point има, значи на 70 места e возможно за време на оперативниот процес, од моментот кога пациентот влегува во оперативниот блок, за време на оперативниот зафат и во постоперативниот тек, да се направи грешка од која почнуваат низа настани кои може да доведат до несакани последици од помали компликации до смртен исход, рече Попов.

Изрази надеж дека со изработката на еден ваков документ ќе придонесат за многу побебзедна хирургија во Македонија и тоа нема да биде од корист само на пациентите кои подлежат на хирушки зафати, туку ќе значи и зголемување на безбедноста на професионалниот живот на специјалистите хирурузи.  

Одговарајќи на новинарско прашање рече „во документот на секои пет, десет места каде што треба да има порака следува потпишување на одговорната медицинска сестра, инструментарка во сала, одговорниот кога ќе дојдат анестезиолошките листи и се што е неопходно во однос на интензивно лекување, реанимација и анестезија, се потпишува одговорниот анестезиолог, анестетичар...“

- Каде што се хирушките компликации се потпишува одговорниот хирург на неколку места и сигурно дека доколку се случат некои немили настани една здравствена инспекција прво ќе почне со овој протокол. Ова е обврска на јавните и приватните здравствени установи. Од обврските ќе произлезат и казни, додаде Попов.