Груевски: Железницата годинава ќе ги добие новите вагони
Железницата до крајот на јули годинава ќе ги добие првите 75 нови товарни вагони, најави денеска премиерот Никола Груевски.
- Владата преку проект на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) нарача два типа на вагони. Првите се 150 товарни вагони од кои 75 затворени и 75 плато вагони. За нив лани во декември е склучен договор и првите вагони треба да стигнат во јули, а сите до декември годинава, изјави премиерот Груевски, одговарајќи на прашање по пуштањето на лабораторијата за звучна и топлотна проводност на Градежниот факултет во Скопје.
Инвестицијата во делот на товарните вагони, како што истакна, изнесува 13,2 милиони евра.
- Втората група на вагоните се во делот на патничкиот сообраќај каде набавуваме шест композиции составени од локомотива и вагони за по 1.200 патници. Од нив четири се со дизел локомотиви, а две на електричен погон во вредност од околу 24 милиони евра. Постапката за набавка е во тек и се одвива преку ЕБОР со која ја заокруживме финасиската конструкција, прецизира Груевски.
Тој посочи дека во март годинава се планира да се склучи договор со компанија која би ги произвела и доставила шесте нови композиции за околу 18 месеци.
- Со тоа ќе се замени околу 60 отсто од возниот парк на патничкиот железнички сообраќај во Македонија. Ова е инвестиција која долго време не беше направена во Македонија, нагласи Груевски.
Во одговор на прашање рече дека со коалицискиот парнер ДУИ не е договорено покрај редовните претседателски да има и вонредни парламентарни избори.