PRV.mk мобилна апликација за информации за вработување и пракса

Пракса, работа и волонтирање PRV.mk е првата мобилна апликација наменета за млади, на која можат да се најдат информации за вработување, стекнување работно искуство, волонтирање, но и за активните мерки и обуки за вработување.

- Денеска промовиравме една алатка со која што на младите невработени лица ќе им се овозможи брз пристап информациите за слободните места на пазарот на трудот. Не случајно тргнавме од девизата „од информација до кариера“. Идејата е да им помогнеме на младите преку и со информација да започнат кариера. Токму затоа промовираме една многу интересна и комуникациска алатка, Андроид мобилна апликација директно поврзана со можностите за вработување, пракса и волонтирање кај младите лица, рече министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

Појасни дека апликацијата значи и надградба на веб сервисот на Агенцијата за вработување www.avrm.gov.mk кој практично ги дава сите информации за сите отворени огласи за сите работни места, но и за активните мерки и политики за вработување.

- Сакаме младите да добијат навремена информација за сите можности кои ги имаат, за сите огласи, но и за активните мерки, за обуките. Да ги поттикнеме да не се откажуваат, да даваат се од себе, да аплицираат и да се борат да најдат работа, да ги градат своите капацитети... На таков начин верувам дека тие ќе ја започнат својата кариера и оти во тоа ќе им помогне и денешната алатка, рече Спасов.

Постојаниот претставник на УНДП во Македонија Лиза Винтон истакна дека оваа алатка која е првенствено наменета за младите е важна не, како што рече, само поради клишеата дека на нив останува иднината, туку што голем дел од нив се невработени.

- Нашата идеа е не да им се донесат решенија на луѓето за да се вработат, туку да им се помогне сами да дојдат до решенијата, рече таа.

Апликацијата ја изготвиле студенти од Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство - ФИНКИ.

- Се надевам дека апликацијата ќе биде добра за сите. Таа треба да се инсталира, но има и веб страница. Можат да се најдат информаци за тоа во кои градови колку слободни работни места има, но и кои профили се бараат, рече деканот на ФИНКИ, Димитар Трајанов.

Идејата да се направи и мобилна апликација, а не само веб страница, рече тој, е поради фактот што телефоните се постојано со нас и на таков начин може на секое место да се дојде до потребната информација.