Почнува гасификацијата на скопскиот регион, проект вреден 100 милиони евра

Почитувани,

Би сакале да објавиме дека од денес во Република Македонија започнува конкретна операционализација на проектот за гасификација на Република Македонија. Во изминатите неколку години интензивно и посветено работевме на завршување на сите мерки, активности и процедури за да се дојде до оваа точка. Тоа не беше ни малку лесна или едноставна работа, иако некои структури се обидуваа да ја прикажат како таква. Се работи за проект кој се однесува на целата држава кој ќе биде изведен по сите стандарди, не парцијално туку интегрално, без импровизации туку со цврсти планови и програми. Беа потребни многу подготовки, изработка на мега проекти на кои се работеше со години, средување на имотно правни и земјишни односи, правење на многу анализи, и секако најбитното, требаше да се обезбеди темел, во оваа смисла на зборот да се обезбеди договор за снабдување со гас на Република Македонија. Без оваа работа на која работевме повеќе од 4 години работите не можеше да функционираат, таа е круцијална за овој процес. Ние посветено и одговорно, трпеливо, но интензивно во исто време го сработивме тоа, обезбедивме договор со Руската Федерација за снабдување со гас, и го реализиравме клучниот предуслов да може да се започне со проектот за гасификација на Република Македонија. Овој проект предвидува гасификација на целата земја, на трите региони кои се определени за оваа намена, а се започнува со скопскиот регион.

Сакам да истакнам дека Владата на Република Македонија донесе одлука да започне постапка за доделување (склучување) на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство за финансирање, проектирање, изградба, управување, одржување и развивање на дистрибутивен систем на природен гас во скопскиот регион. Одлуката е донесена врз основа на усвоената Физибилити студија за развој на дистрибутивни мрежи на природен гас за првиот регион – Скопскиот. Во следните неколку месеци ќе бидат разгледани и Физибилити студиите за останатите општини во Република Македонија.

Повикот за оваа цел за наоѓање на приватен партнер ќе биде објавен во следните неколку дена, а се предвидува да трае до 25.05.2014.

Со проектот ќе бидат опфатени сите 17 општини во скопскиот регион и тоа општините:  Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај, Чаир, Центар, Општина Шуто Оризари, Сопиште, Студеничани, Зелениково, Петровец, Арачиново, Илинден и Чучер-Сандево.

Рамката предвидува договорот да се доделува на период од 20 години при што во првите пет години треба и ќе се реализираат подготвителните работи и изградбата на мрежата. По овој период од пет години кога се очекува да биде изграден најголемиот дел од мрежата, се очекува продолжување на градбата со помал интензитет, оперирање и развој на мрежата. Предвидена е изградба на околу 250 километри примарна дистрибутивна мрежа, при што во првите пет години од потпишување на договорот ќе биде задолжително да се изгради најмалку 70%, односно 175 километри од целата предвидена дистрибутивна мрежа, и тоа со обврска да биде изградена најмалку по 51% од предвидената мрежа во општините Аеродром, Центар, Кисела Вода, Карпош, Ѓорче Петров, Гази Баба, Чаир и Бутел и најмалку по 20% во секоја од останатите помали општини од скопскиот регион поединечно. Останатиот дел до задолжителните 70% ќе ги определи приватниот партнер во зависност од динамиката на приклучување на територијата на 17-те општини и од интересот за приклучување, во консултација со државата.

Во општините со повеќе населени места обврска на приватниот партнер е да реализира, односно изгради дистрибутивен систем во населеното место со најголем број на станбени единици. За секое друго населено место од општината, освен она најголемото согласно бројот на станбени единици, каде интерес за приклучување ќе искажат 20-25% од граѓаните приватниот партнер ќе  треба да  овозможи реализација на дистрибутивен систем на природен гас.

Предвидената инвестиција за реализација на дистрибутивните системи за природен гас во скопскиот регион согласно студијата се проценува на 98,4 милиони евра.

По завршувањето на овој рок од 20 години целокупниот изграден систем ќе се пренесе во сопственост и владение на Република Македонија.  

Она што е значајно е дека иако периодот на примарна градба е 5 години, приклучувањето на објектите и испораката на природен гас е предвидено да започне веќе во втората година од градбата на системот. Изградбата би се одвивала во периодот од 2015 до 2019 година,  меѓутоа дел од дистрибутивниот систем за природен гас ќе биде пуштен во работа веќе во 2016 година.

На повикот ќе се бара приватен партнер кој:

  • Има искуство  во  оперирање  со  дистрибутивни  системи  за природен гас во урбани средини подолго од 5 години; 
  • Системите за дистрибуција на природен гас со кој оперира треба да имаат повеќе од 40.000 корисници и
  • Да има вкупен годишен приход не помал од 40  милиони евра на годишно ниво.

Исто така, приватниот партнер ќе биде задолжен да овозможи секој заинтересиран корисник да плати приклучна такса од  1,25 евра по метар квадратен станбен простор или 100 евра за станбена единица од 80 м2. За куќа од 240м2 приклучната такса би изнесувала околу 300 евра. Приклучната такса за комерцијалните објекти ќе биде исто 1,25 евра по метар квадратен корисна површина.

Предвидено е приватниот партнер да вложи средства и во опрема со цел да се обезбеди намалување на потребните инвестиции на корисниците за приклучување на нивните објекти кон дистрибутивните системи за гас. Анализите покажуваат дека инвестирањето од страна на корисниците треба да биде на ниво кое ќе обезбеди, инвестираните средства на од нивна страна, од страна на корисниците за приклучување кон дистрибутивните системи да се вратат преку годишните заштеди од приклучувањето на новиот систем за околу три години кај индивидуалните станбени објекти, а за корисниците во колективните станбени објекти и во останатите објекти за околу две години.

Или илустрирано преку еден пример:

Анализите во студијата покажуваат дека стан од 80м2 ако користи природен гас за една грејна сезона има намалување на трошоците од 24% во однос доколку користи парно, 7% доколку користи дрво, 54% доколку користи екстра лесно гориво, 51 % доколку користи течен компримиран гас и 35% доколку користи електрична енергија за затоплување. 

Слични вакви податоци и параметри важат и за помалите комерцијални објекти со моќност од 10KW. 

Анализите покажуваат дека:

-доколку објект кој во моментот е приклучен на парно се приклучи на дистибутивен систем за природен гас, неговите годишни трошоци ќе му се намалат за 24% доколку објектот е за домување, или за 30% доколку објектот е комерцијален, услужен или индустриски;

-на објектите кои се греат на електрична енергија, со приклучување кон дистрибутивниот систем за гас, годишните трошоци за енергија ќе им се намалат за 35% ако се објекти за домување или за 44% ако се останати објекти;

-доколку кон дистрибутивниот систем за природен гас се приклучат објекти кои се греат со локални извори на топлина, а како гориво користат екстра лесно масло за горење (ЕЛМГ), за нив намалувањето на годишните трошоци ќе биде 54% за објекти за домување и 16% за останати објекти;

-доколку кон дистрибутивниот систем за природен гас се приклучат објекти кои се греат со локални извори на топлина, а како гориво користат течен нафтен гас(ТНГ) намалувањето на годишните трошоци за нив ќе биде 51% за објекти за домување и 9% за останати објекти; 

-доколку кон дистрибутивниот систем за природен гас се приклучат објекти кои се греат со локални извори на топлина, а како гориво користат дрва, намалувањето на годишните трошоци ќе биде 7% за објектите за домување . Објектите кои се различни од објектите за домување а кои во моментот ги задоволуваат  потребите  од  топлинска  енергија  со  дрва, тоа се објекти кои се малку по број,  ќе  имаат  зголемување  на трошоците доколку се приклучат кон дистрибутивните системи за природен гас.

Значајно е да се истакне дека преку дистрибутивните системи за природен гас ќе се задоволуваат потребите од топлина за греење, санитарна топла вода и готвење.

Покрај ова, исто така, економската анализа на проектот покажа и други исклучително позитивни резултати. Значително ќе се влијае на намалување на загадувањето, на намалување на оперативните трошоци за задоволување на потребите од енергија и ќе се постигне зголемена енергетска ефикасност.

Со приклучениот конзум на дистрибутивните системи во скопскиот регион ќе се супституира на годишно ниво електрична енергија еднаква на годишното производство на ТЕ „Осломеј“, ќе се супституира околу 25.000 тони екстра лесно масло за горење и ќе се супституира околу 320.000 м3 дрва, што значи големо влијание во намалување на загадувањето и големо позитивно влијание во екологијата и заштитата на природната средина.

Би сакал да истакнам и дека за двата други региона во државата кои се предвидени во однос на овој проект покрај скопскиот за кој елаборирам, односно источниот и западниот регион, до моментот на реализација на преносната гасна мрежа на ниво на држава, во студијата е предвидена можност дистрибутивните системи во овие региони да се снабдуваат со компримиран природен гас транспортиран со камиони или воз. Вакви системи на снабдување со природен гас се применуваат и во други држави, кога во одредени региони нема доволна потрошувачка на природен гас за да се изгради гасовод или за снабдување на региони до моментот кога тие ќе се приклучат на снабдување преку цевка. Значи со оваа студија се предвидува до моментот на приклучување на овие региони на дистрибутивен систем за природен гас, тие ќе се снабдуваат со природниот гас преку достава на гасот со цистерни и воз.

Снабдувањето со енергија преку дистрибутивни системи за природен гас е енергетски најефикасен начин за снабдување со енергија. При таквото снабдување со енергија граѓаните, домаќинствата и компаниите имаат далеку најмали трошоци, се ангажираат далеку најмали инвестициони средства, енергијата е оптоварена со најмали оперативни трошоци, дистрибуцијата на енергијата има далеку најмали загуби на енергија и на крај трансформацијата на природниот гас во корисна енергија на прагот на нејзината потрошувачка се врши со највисок коефициент на енергетска трансформација.

Затоа би сакал да истакнам дека ова е многу значаен момент за Република Македонија. Започнува процес кој е резултат на големи повеќегодишни, децениски залагања. Би сакал да се заблагодарам на сите поединци кои имаа учество во овој процес, на вицепремиерите, на министерот за транспорт, но и на секој член на владата и владите во Република Македонија кој се залагал и работел на овој проект. Нашата заедничка работа, на Владата и на градоначалниците и на сите останати институции, органи и субјекти ќе овозможи нови придобивки за нашите граѓани. Со многу работа, со залагање, со полно внимание и посветеност на овој проект очекувам многу позитивни работи за нашата земја и за нашите граѓани.