Продолжени роковите за елаборати на дивоградби и за легализација на тераси
Прес-конференција на министерот за транспорт и врски, г-дин Миле Јанакиески и портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев
Почитувани,
Денеска, заедно со министерот за транспорт и врски г-дин Миле Јанакиески, сакаме да информираме за три новини, односно три законски решенија кои Владата на Република Македонија ги донесе на минатата седница, а се однесуваат на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, со кои законски решенија се врши подобрување на условите за граѓаните, домаќинствата и компаниите во реализацијата на овој процес. Овие новини се резултат на анализа и консултација со засегнатите субјекти и претставуваат директно излегување во пресрет на барањата на граѓаните.
Пред три години почнавме со процесот на легализација на бесправните објекти, креиравме законска рамка и определивме рокови со цел да се реши проблемот на голем број граѓани во Република Македонија, и тие да станат сопственици на објектите и да може да ги ползуваат правата кои произлегуваат од таа сопственост. Во периодот по донесувањето на законот и поднесувањето на барањата и останатата документација потребна за легализацијата, Владата и Министерството за транспорт и врски, континуирано и секојдневно го мониторираат одвивањето, со цел тој да заврши што побрзо и ова прашање за сите оние за кои претставува проблем и најчесто прашање од животно значење, да биде решено. Во оваа насока преземавме и серија на мерки за олеснување на процедурите, за намалување на определени цени на услуги и поевтинување на процесот. Во општините пристигнаа повеќе од 350.000 предмети за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, од кои досега во Агенцијата за катастар на недвижности се спроведени 80-90 000 решенија, што значи дека оние кои го завршиле процесот на легализација ги впишале своите објекти и стекнале сопственост на истите.
Заради подобрување на процесот на реализацијата и заради прифаќање на барањата на граѓаните, решивме да направиме три законски новини, за продолжување на рокот за достава на геодетските елаборати потребни за легализацијата, за продолжување на рокот за достава на барањата за легализација на терасите и терасите пренаменети во станбен простор, и за допрецизирање на постапката за утврдување на правен статус на линиски инфраструктурни подземни објекти.
Прво, Владата на Република Македонија усвои и до Собранието предложи измени и дополнувања на Законот за постапување со бесправно изградени објекти со кои се продолжува рокот за доставување на геодетски елаборати за утврдување на фактичка состојба на бесправен објект до 31 декември 2015 година. Значи претходниот рок за доставување на елаборатите кој беше предвиден до јуни 2014 година, сега се продолжува до 31.12.2015 година.
Анализите покажаа дека дел од лицата кои поднеле барања за легализација, во определени случаи доцнат со доставувањето на геодетските елаборати кои се составен дел на документацијата која согласно Законот е потребна за утврдување на фактичката состојба и комплетирање на постапката. Сега, со оваа предложена измена за продолжување на рокот ќе се овозможи доволен период за изработка и доставување на геодетски елаборати. Продолжувањето на рокот е и од причина што се утврди дека геодетските друштва заради бројноста на друштвата од една страна и заради големиот број на предмети од друга страна, не се во можност да ги изработат сите геодетски елаборати во предвидениот законски рок што би можело да придонесе без вина на барателот да треба да се одбие барањето поради недоставување на овој елаборат. Ова продолжување на рокот е од интерес на граѓаните и е позитивен одговор на нивните барања, за да може тие да си ги легализираат објектите, да стекнат сопственост врз нив и да ги користат придобивките од таа сопственост.
Останатите две измени ќе ги објасни министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески. Повелете Министре.
Благодарам.
Со втората измена на Законот преку продолжување на рокот се дава и нова можност за поднесување на барање за утврдување на правен статус на бесправни доградби на објекти со намена домување во станбени згради - тераси и тераси пренаменети во станбен простор. Оваа измена е направена поради тоа што е констатирано дека голем дел од граѓаните немаат поднесено барање за утврдување на правен статус за овој вид на објекти заради висината на надоместокот кој беше првобитно утврден со Законот, а кој беше во висина на постоечките комуналии. Заради послабиот процент на поднесени барања за легализација на терасите и терасите претворени во станбен простор, ние веќе извршивме промена на висината на надоместокот, односно се утврди надоместок наместо во висина на комуналиите да биде во висина од 61 денар (1 евро) по метар квадратен. Затоа сега со овие пониски цени, овозможуваме и продолжување на рокот за поднесување на барањето за легализација на овие објекти, за да може да се изврши поднесување на барања од страна на граѓаните. Новиот рок за доставување на овие барања за легализација на терасите и терасите претворени во станбен простор е 30 јуни 2015 година, а значајно е да се потенцира дека овој нов рок важи само доколку истите тие објекти се изградени до денот на влегување во сила на Законот за постапување со бесправно изградени објекти односно пред 3 март 2011 година.
Трето, со предложените измени на Законот, исто така се врши и допрецизирање на постапката за утврдување на правен статус на линиски инфраструктурни подземни објекти (водовод, канализација, оптички и телекомуникациски мрежи) кои биле бесправно изградени во смисла на тоа дека се изработува посебен геодетски елаборат од страна на компаниите кои претендираат на нив и истите ги користат, со оглед на карактерот на овој вид на објекти.
Со овие законски решенија овозможуваме решавање на едно горливо прашање за многу наши сограѓани, прашање кое долги децении се провлекуваше во нашето општество и не им овозможуваше на граѓаните да стекнат сопственост врз сопствените домови во кои најчесто живеат од раѓање. Уверен сум дека со добрата работа која ја практикуваме не е далеку денот кога ќе можеме да кажеме дека ова прашање е целосно решено и е дел од минатото.