Бесими: Моменталната искористеност на ИПА-средствата 37,3 отсто
Во Македонија во рамки на користењето на средствата на ЕУ за претпристапна помош - ИПА, за периодот 2007 - 2013 година чија вкупна вредност изнесува 614 милиони евра досега се потпишани финансиски спогодби во вредност од 564 милиони евра и склучени се договори за 210 милиони евра. Процентот на потпишани договори во однос на склучени спогодби изнесува 37,3 отсто заклучно со 31 декември 2012 година, а со овие средства завршени се или се во фаза на спроведување над 450 проекти.
Ова го истакна вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими на заедничката прес-конференција со евроамбасадорот Аиво Орав на која беше презентиран статусот на имплементацијата на ИПА 2007-2013.
Според Бесими, една од главните работи што може да ја подобри искористеноста на ИПА средствата е транспарентноста на процесот, а денеска презентираните бројки и проценти по секоја од петте компоненти на ИПА, даваат само пресек на моменталната состојба со искористување на овие средства. Во првата компонента за помош при транзиција и институционално зајакнување искористеноста е 53,3 отсто, во втората за прекугранична соработка 71,5 отсто, за третата наменета за регионален развој 27,9 отсто, за четврата за развој на човечки ресурси 23,9 осто и 8,9 проценти за петата компонента којасеоднесува на поддршка на руралниот развој.
Компаративната анализа на ЕК за искористеноста на ИПА во регионот за 2012 година, пак, покажува дека Македонија е на нивото со Хрватска и Турција. Така во компонентите каде се врши децентрализиран систем на управување со ИПА на национално ниво, во третата Македонија има 24,1 процент, Хрватска 26,9, а Турција 29,7 отсто. Во компонента четири Македонија има 31 отсто, Хрватска 41, а Турција 23 проценти. Во петата компонента Македонија има искористеност од 17,8 отсто, Хрватска 23,2 и Турција 12,5 проценти.
Со оглед на состојбата, рече Бесими, оценките се дека може многу повеќе да се направи по однос на подобрување на искористеноста на ИПА и за таа цел од минатата година се востановени редовни координации на неделна основа помеѓу ИПА-структурите во институциите и ЕУ-Делегацијата каде присуствуваат и министри, а еднаш месечно се информира Владата за статусот на имплементација на проектите, реализирани се 50 обуки и обучени се 583 државни службеници. Направена е и анализа на научените лекции од досегашното спроведување на ИПА и констатирани се четири области каде треба да се интервенира: стратешко планирање, организациска поставеност и процедури за спроведување на ИПА, координација и комуникација и институционални кадровски капацитети, со јасно дефинирани рокови и акциски план за имплементација.
- По 20-те милиони евра кои не беа искористени во 2013 година, направивме напори за околу 45 милиони евра во текот на годината да ги спасиме и дадеме можност за искористување во наредниот период. Од нив 18 милиони евра се алоцирани од петата во компонента еден, 21 милион евра од компонента еден за која требаше да се потпишат договори до крај на 2013 година, успеавме заедно со ЕУ-делегацијата и ЕК да го продолжиме рокот до крајот на 2014 година. Два милиони евра од заштедите во 2013 година се наменети за два нови проекти за локален развој и поддршка на земјоделството и четири милиони евра од компонента еден со поголеми заложби успеавме да ги намениме за склучени нови договори, рече Бесими.
Амбааадорот Аиво Орав на новинарско прашање истакна дека нема манипулација во бројките за искористеноста на ИПА средства кои се вели, теоретски пари, односно алоцирани средства. Тоа е, вели, резултат на сложената процедура на нивно користење и не верува дека тие може да се апсорбираат стопроценто.
- Од наша страна ние се обидуваме да ви помогнеме да ги искорустите овие пари 100 отсто. Идеално би било доколку овие пари би се искористиле така што граѓаните во државата чувствуваат дека земјата е се поблиску до ЕУ. Секако дека има проблеми не е лесно да се справите со ИПА средствата. Не во Делегацијата туку во министерствата процедурите се комплексни затоа што станува збор за многу пари и секојпат мора да бидеме внимателни, да гарантираме дека тие пари се добро искористени, рече Орав подвлекувајќи дека потребна е подобра координација и комуникација на ИПА-структурите, но и дека не помага вели, ако луѓето кои работат во тие структури се менуваат пребрзо.
Државниот секретар во СЕП Јован Андонов подвлече дека треба да се има предвид и крајниот рок за искористување на ИПА-средствата.
- Во однос на првата компонента рок за реализација на средствата е до крајот на 2019 година или 72 месеци од сега. Кај втората е декември 2018 година, за третата и четвртата компонента рокот е до крајот на 2017 година и кај петата компонента рокото на реализација, односно исплатите треба да се реализираат до крајот на 2016 година што значи дека овие проценти кои беа презентирани има се уште време значително да се подобрат, рече Андонов.
Во меѓувреме Владата и ЕК работат на утврдување на програмата за искористување на нови 600 милиони евра од ИПА 2014-2020 година, кои ќе бидат наменети за техничка поддршка и инвестициски проекти во согласност со евроинтеграцискиот процес.