Булеварот „Теодосиј Гологанов“ за шест месеци целосно проширен
На булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ во Скопје денеска започна третата фаза од проширувањето и реконструкцијата на оваа сообраќајница.
Оваа фаза ќе опфати реконструкција од крстосницата со булеварот „8 Септември“ до улицата „Московска“ во должина од 1.600 метри за што Градот Скопје ќе одвои 81 милион денари. Со проширувањето, булеварот ќе добие четири коловозни летни, по две во секоја насока, а од двете страни на коловозот ќе бидат поставени тротоари со ширина од по 3,5 метри.
Овој дел од булеварот ќе биде осветлен со 84 столба за улично остветлување на кои ќе бидат поставени 108 светилки со моќност од 250 вати. За овој зафат Градот Скопје ќе потроши околу 11,6 милиони денари, а на осветлувањето ќе работат екипите на фирмата „Магнус Инжинеринг“.
Градежните работи ќе траат околу шест месеци, а на проширувањето и реконструкцијата ќе работи компанијата „Трансмет“ од Скопје.
На почетокот на градежните работи денеска присуствуваа премиерот Никола Груевски, градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски.
Според премиерот Груевски, со реализацијата на оваа трета фаза од рекоснтрукцијата на булеварот, главниот град ќе добие уште една проширена делница со што ќе се овозможи и помал застој и поголема безбедност во сообраќајот.
- Проектите од ваков тип се влог во новиот лик на Скопје во насока на оставрување на идејата за град кој ќе биде во чекор со европските мотрополи. Развојот на градопт е заедничка одговорност и инвестиција на граѓаните, локалната и централната власт со цел изградба на модерно Скопје, кое ќе се издвојува по својата естетика и функционалност, потенцира Груевски.
Тој оцени дека во изминатите години, Скопје доживеал една од најзначајните трансформации во историјата на своето постоење.
- Пред само една деценија, овој град беше уште еден монолитен и полуурбанизиран пример за незаинтересираноста на локалната власт и несоодветното трошење на јавните средства. Денес, Скопје прераснува во вистински глобален град, посетен не само на сите страни на Европа, туку и од другите континенти, рече Груевски.
Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски нагласи дека со ова Скопје добива уште едно булеварско решение што е од значење за градот.
- Со овој проект сигурно чекориме кон остварување на сликата за Скопје со широки и проточни сообраќајници кои на граѓаните и посетителите ќе им овозможат безбедно да се грижат и за пократко време да стигнат на посакуваното место, рече Трајановски.
Третата фаза од проширувањето на булеварот следува по првите две фази што беа реализирани во 2011 и 2012 година во вкупна должина од 2.700 метри.