МОН ги објави резултатите од конкурсот за студентски стипендии за 2013/2014
Министерството за образование и наука ги објави резултатите од Конкурсот за студентски стипендии за 2013/2014 кои првпат се доделуваат според правила утврдени во новиот Закон за студентски стандард, донесен минатата година.
До крајниот рок, 16 јануари 2014, пристигнале рекорден број апликации (5387), од кои успешни биле 4694 или 87 отсто, што е за речиси 13 проценти повеќе од 2012/2013.
Министерот Спиро Ристовски е задоволен од најголемиот одѕив досега и од тоа што новото законско решение и новиот правилник со критериуми и процедури за распределба на стипендиите го дале очекуваниот ефект.
- Најважно е што многу се зголеми свеста кај апликантите дека системот тешко може да се изигра преку лажно прикажување податоци и имотно-материјална состојба или, пак, за просечниот постигнат успех, истакна Ристовски на прес-конференција, задоволен од ефектите на Законот за студентски стандард по кој, исто така, есента беа транспарентно и правично распределени и леглата во студентските домови.
Конкурсот обезбедуваше вкупно 2905 стипении. Доделени се сите предвидени во трите категории, освен кај стипендиите за информатика од кои има уште 21 и за нив ќе има реобјава на конкурсот.
Поради несогласување на податоците во електронската пријава и во доставените документи, неуспешни биле 693 апликации. Откако ќе ги добијат решенијата на домашна адреса, одбиените студенти ќе имаат право на жалба до комисијата на МОН.
Во првата категорија се распределени сите 1500 стипендии во месечен износ од 3.000 денари, наменети за студенти од социјално ранливи категории и предност за студенти од семејства на самохрани родители.
Во втората категорија се распределени сите 630 стипендии во висина од 4.000 денари месечно, наменети за студенти со успех на студиите (најмалку 8.5 просечна оценка за студенти од техничките факултети и од медицинските науки и најмалку 9 за тие од општествените и од уметностите).
Во третата категорија се доделени сите планирани 650 стипендии од 3.000 денари, за студенти од природно-математичките, техничко-технолошките, биотехничките и/или медицинските науки, кои постигнале просечен успех од најмалку 7.
Од 125 се доделени 104 стипендии за студенти од програмите по информатика, а за останатите 21 ќе има повторен конкурс. Овие стипендии имаат највисок износ, месечно по 5.500 денари и ги добиваат студенти по информатика со особено висок успех од најмалку 9 просечна оценка.