Министерката Јанкуловска го посети Здружението на возачи во Велес
Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска направи увид во работата на испитните комисии на Здружението на возачи во Велес.
Таа присуствуше на првите часови на практичните испити на полигонот, на првиот ден од примената на новините во Правилникот за полагање на возачки испит во Македонија.
Новината која се воведува во сите испитни центри за полагање на возачки испит се состои од видео документирање на вежбите на полигон и градско возење на сите кандидати кои полагаат возачки испит.
Како што појасни Јанкулоска, тие се одлучиле на ваков чекор заради контрола на кандидатот и контрола на комисиите, а се со цел доколку кандидатот не е задоволен од исходот на испитот, да може да ја провери снимката и да се види дали има отстапување во финалната оценка што му ја дала комисијата.
Таа истакна дека снимањето е задолжително, а воедно потенцира дека со новиот правилник се воведени и нови построги вежби.
- Сето тоа е со цел да се потврди квалитетот на обуката, а во крајна линија тоа ќе влијае и на подобрување на општата безбедност на сообраќајот на патиштата во земјава, изјави Јанкулоска.
Според најновите статистики на МВР, таа констатира дека во Македонија е зголемен бројот на жртви во сообраќајните несреќи. Затоа, потенцира Јанкуковска, МВР прави напори за подобра обука на новите возачи, а кои понатаму ќе се вклучат во сообраќајот.
- Обуката треба да биде квалитетна и ние како МВР треба да бидеме сигурни дека испитувањето на кандидатите е направено на максимално професионален начин, истакна Јанкуловска.