Пуштено во употреба повеќенаменско игралиште во општина Бутел
Во општина Бутел денеска официјално беше пуштено во употреба повеќенаменско игралиште, дел од проектот на Владата за изградба на „100 повеќенаменски спортски игралишта на територијата на Република Македонија“.
Игралиштето е оградено и осветлено за да може да се употребува во доцните вечерни часови и на него може да се играат фудбал, кошарка, ракомет и други спортови. За негова изградба Владата инвестираше околу седум милиони денари, а општина Бутел непосредно до него изгради паркинг.
- Игралиштето кое денеска официјално го пуштаме во употреба е нешто што го ветивме за време на кампањата. Како резултат на нашите заложби за инвестици во нови спортски терени на кои младите ќе можат да се дружат и рекреираат, а спортистите да тренираат и напредуваат, во општина Бутел ги изградивме и трите спортски сали кои активно функционираат, салата „Антон Димитров“, салата „Иван Хаџиниколов“ и училишната спортска сала во училиштето „Зефлуш Марку“, порача премиерот Никола Груевски на отворањето на повеќенаменското игралиште.
Го изградивме, нагласи, и тениското игралиште во Радишани, а на почетокот на годинава почна да се гради уште едно повеќенаменско игралиште во населбата Бутел 2. Помогнавме и во реализацијата на повеќе инфраструктурни објекти.
Напомена дека во тек е изградбата на нова училишна спортска сала во селото Љубанци, каде е планирано да се изврши и санација и адаптација на фудбалското игралиште на кое треба да се изгардат трибини и сите други неопходни објекти.
- Во соработка со градоначалникот на општина Бутел ќе продолжиме да реализираме и повеќе проекти коишто ветивме дека ќе ги изградиме како што е ОУ „Живко Брајковски“ кое е веќе подигнато, а во наредниот период ќе се работи на фасадата и внатрешниот дел. Ќе се гради уште едно училишпте во Визбегово и нова градинка во Радишани, истакна Груевски.
Ветивме, потенцира, дека ќе и помогнеме на општина Бутел да добие две индустриски зони во кои очекуваме изградба на нови фабрики и отворање на нови работни места.
- Во насока на ова исполнување веќе на Влада е донесен планот за пренамена на индустриската зона Расадник и наскоро очекуваме да почнат да се градат првите фабрики. Истата постапка се спроведува и за втората индустриска зона - Љуботенски пат, нагласи Груевски.
Градоначалникот на општина Бутел, Петре Латиновски рече дека е добро чувството кога ветеното е реализирано.
- Задоволството е најголемо кога проектот којшто ќе се реализира го користат најмладите. Токму грижата за младите Владата на господинот Груевски не со зборови, туку со дела ја покажа и во општината Бутел, истакна Латиновски.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески посочи дека новото игралиште во општина Бутел се отвора во пресрет на Олимписките игри каде се испраќа порака за важноста на спортот, потребата за спортување на секој поединец и можноста за достигнување на врвни спортски резултати.
- Континуираната изградба на 35 спортски сали, 50 фудбалски игралишта, 100 повеќенаменски игралишта и 100 тенески терени во секоја општина ја покажуваат определбата на Владата за развој на спортот и здравиот начин на живеење. Овие спортски објекти ќе придонесат да се зголеми бројот на млади луѓе кои практикуваат поздрав начин на живеење фокусиран на промовирање на натпреварувачкиот дух, правила на фер плеј и тимска игра, порача Спасески.