СДСМ да престане со навреди кон граѓаните тие не може да бидат манипулирани

Изјава на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев

Почитувани,

Денес по кој знае кој пат бевме сведоци на лажни, неточни и невистинити обвинувања на СДСМ кон Владата, сторени во еден низок стил на политичка комуникација, со манипулации, извртени тези, за жал и со навреди, очај, гнев и фрустрација. Покрај тоа што СДСМ ја нападна Владата со неточни и невистинити наводи, ги нападна и медиумите, и за жал ги нападна, обвини и навреди граѓаните на Република Македонија. Ние денес аргументирано ќе ги разобличиме нивните манипулации, неточни и невистинити наводи и ќе се спротивставиме на нивните навреди.

Прво, ние никогаш не сме криеле, нема ни да криеме, и нема ни зошто да криеме дека реализираме информативни активности преку медиумите чија што единствена цел е информирање на граѓаните за нивните права и можности и промоција на вредностите во општеството. Информирање на граѓаните за правата и можностите кои произлегуваат од проектите кои ги реализираме и делата кои ги создаваме како Влада, на можностите за граѓаните за обезбедување на подобра здравствена заштита, подобар пристап до правдата, поголема информираност за правата, за можностите за вработување, за пристап до субвенциите, развој на туризмот и други дејности и ги промовираме вредностите во општеството како што се прославата на празниците, градењето на мултиетничко и мултирелигиозно општество и останатите вредности. Тука нема ништо спорно ни чудно.

Ние пред две недели до сите медиуми јавно, транспарентно, прецизно информиравме за сите информативни активности кои ги имаме реализирано во 2013 година, за периодот во кој се извршило емитувањето и за периодот во кој се сервисирани обврските по однос на тие информативни активности за владините проекти преку медиумите.

Сите овие информативни активности се реализирани во согласност со законот и процедурите, во консултација и договор со субјектите и со заедничка согласност на двата субјекта, потврдени со договори заверени на нотар, со почитување на сите процедури.

Сите овие информативни активности се реализирани и се емитувани на сите национални телевизиски куќи, и тоа врз основа на извештаи и препораки на специјализирани, независни и професионални агенции кои вршат рангирање на телевизиите на полето на медиумите.

Затоа тезите на СДСМ за некаква наводна манипулација се неточни и невистинити и ги демантираме во целост.

Второ, што сакаме особено да го акцентираме.

Владата на Република Македонија секогаш ќе се спротивставува на обидите на СДСМ за навреда на граѓаните на Република Македонија. Денес СДСМ покрај тоа што ја обвини и нападна Владата со неточни и невистинити тези, ги нападна и медиумите, но ги нападна и навреди граѓаните на Република Македонија. Имено, СДСМ пласира неточна и невистинита теза дека наводно Владата преку медиумите ги манипулирала граѓаните, им претставувала некакви слики и како што СДСМ вели им “го пере мозокот”. Оваа теза покрај тоа што е невистинита и неточна, е и дрска, брутална и навредувачка за граѓаните. Почитувани колеги од СДСМ, граѓаните не може да бидат манипулирани. Граѓаните се слободни, слободоумни, самосвесни, разумни и интелигентни лица, тие гледаат, судат, ценат, вреднуваат, одземаат и даваат доверба. Затоа ве повикуваме да престанете да ги навредувате граѓаните.

Ве повикуваме на политичка борба базирана на политичка понуда, наместо со навреди и ниско ниво на комуникација таа да биде со повисок стил на комуникација, и таа да биде понуда на чист политички производ, на проекти и идеи, но реални и издржани, не проекти какви што промовиравте вчера кога на 30000 граѓани им понудивте враќање на 19 (деветнаесет) денари месечно од персоналниот данок, таква понуда од 19 (деветнаесет) денари месечно не е проект.

Политичката борба нека биде борба на вистински идеи и вистински проекти. Ако тоа не сакате така да го правите, тогаш ние можеби може да ја разбереме вашата фрустрација, но никако не може да ја оправдаме. Одлуката е ваша, ние ќе продолжиме да работиме, да спроведуваме проекти и да реализираме дела, а граѓаните најдобро ќе може да ја направат разликата и да ја дадат довербата како и досега, како и секогаш.