Груевски: Кампањата која за СДСМ е црна всушност е реална
За премиерот Никола Груевски кампањата што се водеше против СДСМ и заврши пред десетина дена претставува потсетување на изјави што ги дале челниците на СДСМ и потсетување на тоа што СДСМ го говореше.
- Не станува збор за црна кампања. Ако тие своите изјави ги сметаат за црни тогаш потсетувањето на тие изјави е црна кампања. Меѓутоа ако не ги сметаат за црни своите изјави во смисла на лаги, недобри и на некој начин штетни тогаш може да речат дека тоа е црна кампања, рече Груевски во одговор на прашање за коментар на обвинувањата на опозицијата дека против нив власта води црна кампања по пуштањето во употреба на повеќенаменско игралиште во општина Бутел.
Потсети дека имаше реченица во која претседателот на СДСМ Зоран Заев кажува како ќе се однесува доколку дојде на власт со вработените во државниот сектор.
- Порачува дека ќе се отпуштаат вработени и дека ќе се прима само по партиска линија. Тоа е негова изјава, изваден цитат. Доколку овој цитат го сметаат за црн во неговата суштина тогаш можеби во една таква смисла е црна кампања. Шекеринска има изјавено дека од секое семејство ќе вработат по еден, а тоа никогаш не се направи. Меѓутоа тоа треба повеќе нив да ги загрижува зошто даваат такви изјави. Не може да се каже дека водиме црна кампања ако даваме цитати, рече Груевски.
Нагласи дека во кампањата не се импутираат реченици или мисли, туку, како што рече, вадат цитати и ги потсетуваат луѓето за да знаат со кого имаат работа.