Груевски: Очекуваме да продолжи трендот на зголемување на извозот
Премиерот Никола Груевски очекува и годинава да продолжи трендот на намалување на трговскиот дефицит со зголемување на извозот и намалување на увозот во земјава, како што беше во минатата 2013 година.
- Според нашите анализи трендот ќе продолжи и оваа година. Добро е што минатата година заврши со пораст на извозот од 6,6 отсто, а увозот за 1,1 отсто што значи дека растот на извозот повеќе растел отколку растот на увозот, рече Груевски одговарајќи на прашање по пуштањето во употреба на повеќенаменското игралиште во општина Бутел.
Тој нагласи дека извозот е еден од стимулаторите на профитот, а профитот пак е еден од стимулаторите на отворањето нови работни места.
- Задоволен сум што и покрај тешкотиите од европската должничка криза и ударот што дојде од нејзе врз нашите компании со намалени нарачки и помалку инвеститори од вообичаеното, сепак се успеа да се заврши годината со раст на извозот од 6,6 отсто и 1,1 отсто на увозот. Со тоа се намали и трговскиот дефицит за 176 милиони долари.