Груевски:Не може да се зборува за зајакнување на средната класа со мерките на СДСМ
Зајакнување на средната класа не може да се направи со мерки кои ги предлага СДСМ, а кои значат враќање од 19 денари до 293 денари.
Ова го истакна премиерот Никола Груевски одговорајќи на новинарско прашање за предложените мерки на СДСМ за враќање на персоналниот данок за граѓаните кои земаат плата до 12.000 денари по промоцијата на нови наслови од проектот за „Превод на 1.000 стручни книги“.
- Подобрувањето на квалитетот на животот и зголемувањето на стандардот на населението се прави со крупни реформи, инвестиции, отворање нови работни места, зголемување на минималната плата, на пензиите, привлекување на странски инвеститори и овозможување на домашните да отворат нови капацитети со поволни услови и добра бизнис околина. Со 19 денари, со 23 денари работите не одат баш така, нагласи Груевски.
Појасни дека не станува збор за 150 илјади луѓе кои имаат до 12.000 денари месечна плата, туку се околу 80 илјади што, како што рече, покажува дека СДСМ земала предвид некоја математика од времето кога биле на власт до 2006 година.
- Во меѓувреме работите се променети, а покрај тоа СДСМ не кажа и колку тоа во пари ќе чини. Излегува дека кај најголем дел од луѓето ќе чини помеѓу 19 и 65 денари, некаде 85, а кај многу мал дел од луѓето кои примаат највисока плата во оваа група ќе биде околу 293 денари, посочи Груевски.
Според него кога СДСМ зборува за проценти секогаш треба да биде запрашан и за конкретни бројки во апсолутни износи, а добро е, како што рече, да биде проверена и математиката, бидејќи како и обично таа е пренапумпана.
- СДСМ промовирајќи се пред граѓаните цело време говори како ќе ја троши расходната страна на Буџетот, но никогаш не спомнува како ќе прибере повеќе пари или како ќе го одржи буџетот. Веројатно ќе кажат дека тоа ќе го направат со кратење со, како што велат, нашите непродуктивни трошоци, но тоа се необмислени нешта, истакна Груевски.
Тој истакна дека сериозно размислува дали треба да одговора на прашањата кои СДСМ излегува, ги кажува, а се сериозно неосмислени, лефтерно и површно ставени пради што сите треба да претпоставуваат и да прават математики.
За најавениот можен бојкот на престојните претседателски избори од страна на алабанските партии, премиерот Груевски рече дека се надева оти нема да се случи.
- Ако се решат на тој чекор мислам дека ќе сфатат оти направиле погрешна проценка, изјави Груевски.