Груевски: Во целост се решава проблемот со професионалните војници
Со измените на Законот за служба во АРМ решивме долгогодишен и горлив проблем кој го наследивме од поранешната влада, изјави денеска премиерот Никола Груевски во врска со одлуката за вработување на сите професионални војници и дополнителната одлука законот да важи ретроактивно.
- Во 2006 година немавме никакво решение за војниците кои ќе навршат 35 години, подоцна привремено го решивме проблемот со зголемување на 38, па на 45 години и сега, конечно, трајно го решивме со тоа што по 45-тата година се обезбедува вработување во државните институции за сите, рече претседателот на Владата, по промоцијата на нови наслови од проектот за превод на илјада стручни книги.
Со препорака на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ до пратеничката група на партијата, Законот дополнително ги опфати и лицата кои биле професионални војници, а на кои во меѓувреме им истекол договорот и на 31 декември 2013 биле невработени според податоците на Агенцијата за вработување.
- Според неформалните информации што ги добив, станува збор за околу 110 лица и тие, согласно со овој закон, во наредните девет месеци ќе бидат згрижени и ќе им биде понудено работно место во некоја државна инстутуција. На тој начин во целост се решава проблемот со професионалните војници, вклучувајќи ги и оние на кои во минатото им истекол договорот и останале без работа и во овој момент се невработени, рече премиерот Груевски.