Груевски: Оваа Влада како никоја досега инвестира во екологијата
Оваа влада неспоредливо со која било друга во минатото инвестира во озеленување на Македонија. Можеби повеќе насадени дрвца има во овие седум години отколку заедно во претходните 50-60 години, изјави премиерот Никола Груевски во врска со денешниот протестен марш „Спас за Водно“ против активности со кои се уништува животната средина на оваа скопска планина.
Рече дека за разлика од минатото, кога се саделе под половина милион дрвца годишно, сега секоја година се садат меѓу 7 и 8 милиони и досега се засадени над 40 милиони дрвца во државата.
- Оваа Влада како никоја досега инвестира во екологијата, особено во озеленување и садење нови дрвја, со цел Македонија во иднина да има почист воздух, да има поздрава еколошка средина и повеќе зеленило. Секако, некој може да каже дека тука и таму е исечено дрво за да се изгради некој објект, да се направи жичара или некој пат. Некаде мора да се изгради нешто и не постои држава во која работите се застанати таму каде што се засадени дрва. Некогаш има потреба да се исечат, но односот на државите кон животната средина и зеленилото се гледа во тоа колку се засадуваат, а не само колку се исекле за да се создаде нешто или да се изгради. По глава на жител, Македонија е веројатно меѓу првите десет земји во светот по годишно садење дрвца, додаде Груевски.