Институтот за патологија доби Лабораторија за молекуларна патологија и генска терапија
Нова лабораторија за молекуларна патологија и експериментално генска терапија на Институтот за патологија при Медицинскиот факултет во Скопје, е промовирана денеска во присуство на премиерот Никола Груевски и министрите за образование и наука и за здравство, Спиро Ристовски и Никола Тодоров. Станува збор за лабораторија од проектот на Владата за набавка на поголем број лаборатории. Чини околу 300.000 евра (околу 17,5 милиони денари) и е во фаза на акредитација.
Премиерот Груевски рече дека и додека трае процесот на акредитација, лабораторијата е максимално искористена од страна на тимот лекари и професори кои работат на Институтот за патологија. Тој посочи дека лабораторијата за молекуларна патологија и експериментално генска терапија е од исклучително значење пред се во делот на дијагностицирање и особено рано дијагностицирање одредени главно малигни заболувања поврзани со различни органи на човековото тело, но и со апликативни можности во нејзиното користење, спречување некои појави.
Се работи за лабораторија, нагласи премиерот, со која ќе се помогне на многу пациенти или на потенцијални пациенти, ќе се превенираат многу работи во рана фаза, многу работи поврзани со канцер на тироидна, надбубрежна жлезда и уште неколку други видови канцер.
- Лабораторијата е веќе многу користена и во делот на научни истражувања. Од она што го дознав од лекарскиот тим, тие веќе имаат изработено многу работи кои им се во фаза на промовирање на меѓународно ниво поврзани со нови видови мутации во ДНК. Ќе биде од голема корист и за студентите на Медицинскиот факултет кои на нивните вежби ќе имаат можност да ги разгледаат можностите и начините како се користи и во кои цели се користи оваа лабораторија, и за самите лекари и професори кои ја користат за научни цели, а пред се и над се за пациентите, додаде премиерот Груевски.
Раководителот на лабораторијата за молекуларна патологија, Весна Јаневска рече дека добиле софицистицирана опрема која е соодветна на високо развиените западно европски земји и во согласност со неа можат да прават и анализи.
- Лабораторијата има научно-истражувачка и апликативна дејност. Тоа е она што е значајно за пациентите. Во моментот сме фокусирани на малигни тумори на штитната жлезда и на надбубрежната жлезда затоа што процесот и не дозволува ние на многу нешта да се фокусираме туку работиме едно по едно, истакна Јаневска.
Потенцира дека ги бараат генетските промени бидејќи, како што укажа, според најновата теорија за развој на малигни тумори, тие се разввиваат поради претходно настаната генетска мутација.
- Ние ги бараме генетските мутации кај овие пациенти кои имаат развиено такви тумори со цел да ги испитаме нивните поблиски и подалечни роднини за да може да се превенира кај нив развојот на таков тумор. Втората цел е кај овие луѓе кај кои веќе се развил малигниот тумор да можеме на некој начин да влијаеме во терапијата за излекување на пациетот или евентуално кај тешките случаи за продолжување на квалитетен живот на пациентите, додаде Јаневска.