Ставрески: Состојбите со долгот јавни, сензационализам во настапите на СДСМ
Состојбите со долгот без разлика дали е државен, јавен, гарантиран или долг на НБРМ се транспаретни и досега објавувани на веб страницата на Министерството за финансии. Така што не гледам зошто има толку непотребен сензационализам во настапите на СДСМ околу ова прашање, изјави денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
Одговарајќи на вчерашните обвинувања од СДСМ околу јавниот долг, Ставрески појасни дека сите податоци за долгот се објавуваат во претпристапната економска програма и оти секоја година Министерството доставува до Собранието годишен извештај за долгот.
- Мислам дека има голема доза на непотребен сензационализам во настапите на СДСМм околу ова прашање бидејќи нема ништо ново. Се користи податок којшто е објавен во претпристапната економска програма од минатата година. Тоа е податок што од септември 2012 до септември 2013 година беше објавуван на сите веб страници како претпристапна економска програма. Значи секој оној што сака да ги добие овие податоци има мноштво извори од каде може да ги црпи овие податоци, изјави вицепремиерот Ставрески, одговарајќи на новинарски прашања по денешната прес-конференција.
Вицепремиерот и министер за финансии уште еднаш повтори дека државниот долг на земјата до крајот на декември изнесувал 34,3 проценти и оти е четврти најнизок долг во Европа.