Груевски до НАТО-амбасадорите: Да се воспостави соодветна рамнотежа помеѓу глобалните интереси на Алијансата и нејзините прокламирани вредности
Премиерот Никола Груевски ја заврши работната средба и со амбасадорите на земјите-членки на НАТО на кои им испрати силни пораки зошто Република Македонија треба да стане членка на Алијансата.
Премиерот Никола Груевски им посочи дека е неопходно е да се разбере дека кредибилитетот на политиката на отворена врата на НАТО треба да е во склад со исполнувањето на јасно дефинираните критериуми за земјите аспиранти. Тој рече дека истата во голема мера се заснова на заедничките основни демократски вредности што сите ги поддржуваат.
- Тоа подразбира почитување на меѓународното право и правото на самоидентификација и самоопределување, како и потребата да се воспостави соодветна рамнотежа помеѓу глобалните интереси на Алијансата и нејзините прокламирани вредности. Во тој контекст, би сакал да истакнам дека ние сме многу заинтересирани за интензивирање на политичкиот дијалог со Република Грција во рамките на процесот со посредство на Обединетите нации (ОН), предводен од амбасадорот Нимиц, за изнаоѓање на заеднички прифатливо решение во спорот за името, во согласност со меѓународното право и Резолуцијата 817 на Советот за безбедност на ОН, истакна Груевски на средбата.
Македонскиот премиер потенцира дека земјата е посветена на процесот во Обединетите Нации и посакува интензитет и посилна динамика во истиот, за да може час поскоро да се дојде до решението, и до надминувањето на последниот предизвик на патот на евроатлантската интеграција на Република Македонија во НАТО, и затворање на отвореното прашање со нашиот јужен сосед. Токму затоа, тој посочи дека од нужно значење е посилен и активен ангажман на земјите-членки на НАТО во стимулирањето на двете страни за изнаоѓање на решение во процесот на ОН. Причината е што земјите-членки на НАТО се и основачи на Меѓународниот суд на правдата (МСП) и вредносно е исправно да ги почитуваат одлуките на ова тело, но тие треба да се заинтересирани и за поддршка на земјите партнери и сојузници, на Македонија и Грција, и да се заинтересирани Алијансата да се шири и да се реализира политиката на проширување за на тој начин трајно да се стабилизира регионот на југоисточна Европа.
- Односите помеѓу Македонија и Грција треба да се развиваат и унапредуваат, како што тоа го правиме и на полето на економијата каде што имаме одлични односи. Потребно е да се фокусираме наместо кон одбегнување на посветеност за решенија кон активен пристап и суштински ангажман за решенија. Цениме дека земјите-членки на НАТО безусловно треба да го подржат процесот во ОН за разговорите за разликите околу македонско-грчкиот спор, како што тоа го прават и досега, но и да го надградат тој пристап и од позиција на подржувач на разговорите во добра верба и дух да преминат на активност за охрабрување на двете страни да се постигне решение под покровителство на ОН, во процесот на ОН, и според Резолуциите, актите и одлуките на телата на ОН, истакнал Груевски пред амбасадорите од НАТО-земјите.
Претседателот на Владата на Република Македонија, посочи дека македонската нација, без сомнение разбира дека вредностите на Северно-атлантската алијанса ставаат голем акцент врз поимот владеење на правото, па дека затоа остануваме со надеж дека Грција, како одговорен член на меѓународната заедница, ќе ја почитува пресудата на Меѓународниот суд на правдата и своите обврски според меѓународното право, како и дека охрабрена од членките на НАТО ќе влезе во активности за надминување на овој предизвик, во еден суштински дијалог и уважување на аргументите на двете страни.
- Нашите очекувања од претстојниот Самит се јасни и, пред сè, разумни. Конечниот документ од претстојниот НАТО самит не би требало да биде само повторување на јазикот и терминологијата од претходните НАТО самити во однос на статусот на Македонија. Наместо тоа, преку земање предвид на новиот развој на настаните во однос на овој единствен случај, би требало да се одрази новата реалност преку соодветно преосмислување на текстот и упатување на формална покана за членство на Македонија во Алијансата. Сега е вистинското време да се донесе одлука заснована на стратешка визија за долгорочни придобивки, давајќи на тој начин дополнителен поттик на напорите на другите земји аспиранти за членство во НАТО, како потврда за одржливоста на успешноста на политиката на отворена врата на НАТО, особено во оваа 2014 година којашто ја одбележува 65 годишнината од основањето на Алијансата, им рече Груевски на НАТО-амбасадорите.
На средбата, премиерот Груевски ги истакна дузината реформи што македонската Влада досега ги превзела со цел исполнување и усогласување со критериумтие на ЕУ и НАТО.