Министерот Ристовски во посета на охридско-струшкиот регион
Министерот за образование и наука Спиро Ристовски денеска престојуваше во работна посета на охридско-струшкиот регион, за лично да се запознае со текот на реализацијата на проектите најавени од Владата, во рамки на претходните посети со премиерот Никола Груевски.
Ристовски прво беше во обиколка на основното училиште „Живко Чинго“ во Велгошти, каде во тек е реконструкција и градежни зафати за целосна замена на санитерните јазли, обнова на енергетски ефикасна фасада на објектот.
- Врз основа на информациите од изведувачот, сaнацијата целосно би требало да биде завршена некаде најдоцна до почетокот на април, појасни Ристовски. Тој информираше дека веќе се обезбедени околу шест милиони денари за реконструкција на покривот и санитарните јазли и во основното училиште „Кочо Рацин“ во населбата „Радојца Новичиќ“, но тоа би се реализирало во текот на летниот расапуст за да не се попречува наставниот процес.
Министерот беше и во посета и на касарната во Охрид, каде дел од поранешните објекти се во владение на Министерството за образование.
- Наредните денови почнува првата фаза од реконструкција и санација на тие објекти, што ќе бидат наменети за потребите на Универзитетот за информатичко општество и науки „Свети Апостол Павле“. За таа намена се издвоени околу 40 милиони денари, а очекувањата се дека за година, можеби година и пол, таму да имаме комплетирани објекти за целосна преселба на Универзитетот во тие објекти, појасни Ристовски.
Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески истакна дека на средбата со министерот Ристовски разменале информации околу тековните активности по однос реализација на ветените проекти од областа на образованието на ниво на општина Охрид.
- Воедно сакам да напоменам дека изградбата на универзитетскиот кампус отвара перспектива за странски инвестиции, поточно во делот на странски инвестиции во областа на информатичките технологии, компјутерски инженеринг и програмирање. Заедно со Министерството за странски инвестиции наредната седмица имаме закажно состаонок со канадска компанија, за инвестирање во капацитет од односните области во кој би биле вработени околу 200 луѓе, додаде Бакрачески.
Инаку, министерот за образование и наука претходно беше во струшко, каде најави почеток на изградба на игралиште во рамки на основното училиште „Единство“ во село Октиси, како и повеќенаменско игралиште во Лабуништа, проект што заеднички ќе се реализира со Агенцијата за млади и спорт.