Средба на министерот за надворешни работи Никола Попоски со амбасадорите на земјите членки на ЕУ во Република Македонија
Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска одржа работен доручек со амбасадорите на земјите – членки на Европската унија во Република Македонија како дел од воспоставената редовна пракса на размена на мислења за актуелни прашања во процесот на интеграција на Македонија во Европската Унија.
Во фокусот на разговорите беа реформите кои ги спроведува Македонија поврзани со ЕУ агендата и чекорите кои ќе бидат преземени во следните месеци за да се обезбеди повторен позитивен годишен извештај за напредокот од Европската комисија за 2014 година. Министерот Попоски ги информираше соговорниците дека продолжува работата за исполнување на преостанатите задачи од Пристапниот дијалог на високо ниво истакнувајќи ги неодамнешните постигнувања по однос на усвојувањето на измените на Изборниот законик, пакетот закони во медиумската сфера, законите за реформа на јавната администрација како и чекорите во областа на правосудството.
Изнесе уверување дека во 2014 г ќе се интензивира спроведувањето на реформската агенда, регионалната соработка и градењето на позитивна клима и соработка со сите соседи во прилог на напорите за отпочнување на преговорите за членство со ЕУ.
МНР Попоски ја поздрави претстојната посета на МНР Венизелос на Македонија во својство на претседавач со Советот на ЕУ изнесувајќи очекување дека нема подобра можност од претседателството со ЕУ конкретно и со дела да се докаже заложбата од 2003 година за забрзување на процесот на проширување со сите земји од регионот. Констатираше дека истото е неопходно и во поглед на земји членки кои можат да имаат поголем удел во одржувањето на кредибилитетот на проширувањето.