Министерот Ристовски со првите луѓе на пензиските друштва разговараше за унапредување на работата во оваа сфера
Разгледување на можностите за отворање нови сфери во кои би можеле да инвестираат пензиските друштва, како и намалувањето на надоместоците што ги наплаќаат, се теми на кои на денешната средба разговараа министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски со првите луѓе на КБ Прво пензиско друштво и НЛБ Нов пензиски фонд, Јанко Тренковски и Давор Вукадиновиќ.
- На средбата се разговараше за функционирањето и развојот на задолжително капитално финансираното пензиско осигурување и можноста за унапредување на работата на пензиските друштва. Беше даден акцент на инвестициските стратегии, проценките и длабинските инвестициски анализи. Разговаравме за она што беше најавено пред извесен период, за извесна релаксација односно појавување на друштвата и во други сегменти во економскиот раст на државата. Стана збор и за надоместоците, кои во изминатиот период беа намалени, но сепак има можности и тенденција и за натамошно намалувaње, рече по средбата министерот за труд и социјална политика.
Вр основа на денешните разговори, додаде Ристовски, договорено беше пензиските друштва да дадат предлози, кои потоа Владата ќе ги разгледа и ќе се произнесе.
- Нашите очекувања се дека во наредните две недели ќе добиеме предлози за подобрување на системот во секој сегмент и од аспект на институционална контрола и агентска мрежа, но и во инвестициската политика. Предлозите ќе ги разгледа Владата, а потоа би бидат донесени заеднички решенија за евентуални корекции во законите кои го регулираат системот на задолжително капитално финансираното пензиско осигурување, додаде Ристовски.
Од КБ Прво пензиско друштво велат дека има можности за проширување на сферите на инвестирање.
- Нашата иницијатива е долгорочно пензиските друштва да можат да инвестираат во недвижности, а еден ден кога ќе има средства, во инфраструктурата, рече Тренковски.
Од пензиските друштва посочуваат дека не се изложени кон странските должнички кризи. Во НЛБ Нов пензиски фонд велат дека немаат инвестирано обврзници на странски држави, додека во КБ Прво пензиско друштво истакнуваат дека такви инвестиции има, но во мал дел, кој не очекуваат да има големо влијание на портфолиото.