МВР:Успешна реализација на концептот на интегрирано гранично управување
Еден од клучните реформски проекти што успешно се реализираше во рамки на МВР – концептот на интегрирано гранично управување, согласно европските стандарди и практики, од година во година бележи извонредни резултати. Позитивните процеси во делот на интегрираното гранично управување, што континуирано се преземаат, вклучително и во текот на минатата година, беа препознаени и од страна на оценската комисија на ЕУ, која во последниот Извештај за напредокот на Р.Македонија во 2013 година констатира дека во областа на миграцијата е воспоставена добра законодавна и институционална рамка, потоа констатиран е напредок во областа на азилот, а исто така напредок е забележан и во визната политика, надворешните граници и Шенгенот.
Што се однесува до техничкото опремување на граничната полиција, завршена е и реконструкцијата и реновирањето на полициските станицици за надзор на границата, што значи дека сите 20 полициски станици ги исполнуваат оперативните стандарди, а десет од нив се поврзани и со Централната база на податоци на Министерството за внатрешни работи.
За одбележување е и отворениот втор Заеднички граничен премин на РМакедонија со соседните земји, за локален сообраќај „Џепиште –Требиште“, а потпишана е и Спогодба помеѓу Владата на Р.Македонија и Владата на Р.Косово за отворање на првиот Заеднички граничен премин „Белановце – Станчиќ„ за меѓународен сообраќај. Во овој период официјално се пуштени во употреба и Заедничките контакт центри за полициска соработка Ќафасан и Табановце, а во завршна фаза се подготовките за отворање на заеднички контакт центар за полициска соработка со Р.Косово.
И во овој период, прекуграничниот сообраќај функционираше редовно и без застои, што резултираше со позитивен тренд од 7% на регистрирани патници на граничните премини, односно 16.767.055 патници, од кои 61,3% странски и 39,7% македонски државјани. Притоа, влез во државата оствариле 6.031.826 (5.508.287) странски и 2.920.403 (2.710.666) македонски државјани, додека, излез оствариле 4.242.819 (4.037.850) странски и 3.572.007 (3.417.837) македонски државјани. Најголем број странски државјани, кои ги преминале граничните премини и оваа година се државјаните на земјите во регинот и тоа српските со 2,3 милиони патници, по што следат грчките со 2,06 милиони патници и др. Имено, позитивниот тренд на протокот на патници се должи и на извршената модернизација на дел од граничните премини.
Од страна на надлежни полициски органи на граничните премини, по разни основи, не е дозволен влез во Р.Македонија на 2.905 (3.115) странски државјани. Во најголем број случаи не им е дозволен влез во државата на албанските државјани -853, турските-633, бугарските-237 и др. Во истиот период, не е дозволен излез на 416 (478) странски државјани, и тоа на 90 државјани на РСрбија, потоа 88 албански државјани и др.
Република Македонија, се соочува со сериозен проблем со илегалната миграција, што се потврдува и со фактот дека бројот на откриени мигранти е зголемен за 66%. Притоа, како и во изминатите години, најголем број на откриени илегални мигранти – странски државјани се по потекло од Албанија -400, кои во најголем дел од економски причини илегално престојуваа и работеа во Р.Македонија, особено во сезоната на замјоделски и градежни работи. Во 2012 година албанските мигранти преставуваа скоро 50% од вкупниот број на мигранти, додека оваа година нивното учество е сведено на 35%. Од друга страна, бележиме позитивен тренд на откриени илегални мигранти од Блискиот и Среден Исток и Северна Африка, кои партиципираат во вкупната бројка со 58,6%, додека мината година нивното учество беше 46%. Во овој период, бележиме нов тренд, појавата на илегални мигранти – државјани на Сирија (116), што не беше случај во 2011 и 2012 година. Најголем број илегални преминувања се регистрирани во делот на државната граница кон Р.Грција – 551 (166), потоа во делот на државната граница кон Р.Албанија-192 (175), кон Р.Србија 140 (156), кон Р.Бугарија -134 (4) и кон Косово 115 (181). Во овој период значително е зголемен бројот на илегални преминувања на делот од државната граница кон Р.Грција, а илегалните преминувања кон Косово и Србија се во намалување. Најкарактеристична промена на трендовите е повеќекратното зголемување на бројот откриени обиди за илегален влез во Р.Македонија од Р.Бугарија. Инаку, најголем број на илегалци се откриени во внатрешноста 546 (431), потоа 442 (140) лица се откриени на влез во Р.Македонија, а во обид да излезат од државата се откриени само 144 (111) лица. Поради остварен илегален влез од РМакедонија, од соседните погранични органи, вратени се 131 (152) лица, а од страна на македонските погранични служби присилно се отстранети 574 (376) странски државјани.
Во голем број на случаи на откриени илегални мигранти се случува класична злоупотреба на механизмот за меѓународна заштита, но се јавуваа и други потешкотии во поглед на утврдување на идентитот, потеклото на мигранти, сместувачките капацитети, проблеми кои се однесуваат на утврдување на потребни преведувачи на говорното подрачје од каде што доаѓаат мигрантите, значителни финансиски импликации за време на нивниот престој како и потешкотии околу обидите за нивно враќање во земјите на потекло. Инаку, во Прифатниот центар за странци беа смесстени 573 лица, што е за 24,5% повеќе од минатата година. И покрај спроведувањето на голем број координирани акции, за сузбивање на овој проблем потребно е заеднички настап, регионален пристап и одговор особено со државите од каде доаѓаат. Со оглед на фактот што соработката со РГрција не е на посакуваното ниво, дополнителна отежнувачка околност е што треба дополнителен ангажман на нашите служби за достигнување на посакуваниот ефект.
Континуирано беа преземени мерки за превенција и сузбивање на криминалот, кој резултираше со откривање на 115 кривични дела од страна на Регионалните центри, а кривичните пријави се поднесени од страна на надлежните сектори за внатрешни работи. Во однос на прекуграничната полициска соработка беа одржани 466 средби со претставниците на соседните гранични служби, кои се одвиваа согласно важечките билатерални договори. Покрај ова, беа реализирани и 404 мешани патроли на границите со сите соседни земји, освен Р.Грција. Истите се реализираа редовно, според однапред утврдената динамика и во зависност од потребите и случувањата на терен.
Во извештајот на Европската комисија е констатирано дека со измената на Законот за странци се поедностави постапката за странци, вработени од страна на претпријатијата од клучно значење за инвестиции во земјата, за добивање на дозвола на привремен престој. Во овој период, полициските советници за странци и реадмисија издале 2.768 (2.656) дозволи за привремен престој на странски државјани, при што е забележан благ тренд на пораст за 4,2, во однос на 2012 година. Најчесто, престојот им бил регулиран по основ на членови на потесно семејство на државјани на Р.Македонија-834, потоа беа издадени 783 дозволи за вработување, работа или вршење самостојна дејност-783 и др. Тенденција на благ пораст бележиме и кај странските државјани кои престојувале во Р.Македонија, кога се регистрирани 357.229 (347.390) странски државјани, со престој до три месеци. И оваа година, најмногубројни биле државјаните на Р.Србија-45.962, по што следат грчките државјани -41.684, а најчесто престојувале како туристи.
Во овој период, бележиме тенденција на зголемување, на преземените репресивни мерки против странските државјани, поради незаконските активности извршени при нивниот престој во Р.Македонија. Во рамките на овие мерки беа поднесени 208 (173) кривични пријави, против 254 (210) странски државјани за сторени 242 (219) кривични дела. И оваа година, доминираа државјаните на Р.Албанија, како сторители на кривични дела, а најмногу сторени кривични дела се од имотен криминал („тешки кражби“ и „кражби“), како и кривичното дело „фалсификување исправа“. Во делот на прекршоците беа поднесени 1.192 (1.162) прекршочни пријави против странски државјани, а околу 1/3 од прекршоците се извршени од државјаните на Р.Албанија. Инаку, по Законот за странци се извршени 79% од прекршоците, а најчесто поради незаконски престој.
Во Извештајот на Евроопската комисија е нотирано дека е постигнат напредок во однос на азилот. Во овој период бележиме значително зголемување на примените нови барања за признавање право на азил, 1.323 (527), а најбројни баратели на азил беа државјаните на Сирија-340, по што следува авганистанските државјани-283. Согласно Законот за азил и привремена заштита, Одделението за азил донесе решенија со кои на вкупно 573 лица, им се продолжи правото на престој заради супсидијарна заштита, кои во Република Македонија престојуваат по овој основ од косовската криза во 1999 година. Покрај решенијата, беа издадени и 39 лични карти за лица под супсидијарна заштита, една лична карта за лице со признат статус на бегалец и 54 идентификациони исправи, за лица баратели на право за азил. Покрај ова, во Извештајот е констатиран и одреден напредок во процесот на обезбедување на барателите на азил со документи за лична идентификација.
Министерството за внатрешни работи и во 2013 година, продолжи со спроведување на зајакнати мерки, како и правење на максимални напори за намалување на бројот на условно речено –нелегални баратели на азил кои потекнуваат од Р.Македонија. Во таа насока беа превземени низа активности за превенција, како информативни кампањи, потоа разговори со ранливи категории и потенцијални лажни баратели на азил. Покрај ова, беа преземени и репресивни мерки, односно беа поднесени кривични пријави против 19 сторители, за сторени 13 кривични дела „ злоупотреба на безвизен режим со државите членки на Европска Унија и на Шенгенскиот договор“, во чии рамки беа откриени 119 азиланти. Во овој период, бележиме зголемување за 41,7 % на македонски државјани, на кои не им е дозволен излез од државата, споредбено со 2012 година. Најчесто, поради непоседување валидни гарантни писма, немање доволно парични средства, како и поради основано сомнение дека се потенцијални баратели на азил во западно-европските држави, не им беше дозволен излез на 6.475 (4.569) македонски државјани. Инаку, во над 63% недозволен излез е регистриран на граничниот премин „Табановце“-патен, а најчесто вратените лица се скопски жители – 2.465, по што следат жителите на Куманово -1.034.
И во Извештајот на Европската комисија е констатирано дека имплементацијата на визната либерализација напредува непречено во целина, а националните власти континуирано соработуваа во борбата против феноменот на неосновано поднесени барања за азил во земјите на ЕУ и Шенген зоната.