Во 2014 година ќе започне изградба и реконструкција на 15 градинки
Оваа година Владата планира да започне изградба, да реконструира или да адаптира 15 градинки. Лани и во јануари оваа година се изградени, реконструирани и адаптирани 16 градинки, изјави денеска премиерот Никола Груевски.
- Ние подготвивме еден проект за градба, реконструкција и адаптации на градинки и во 2013 и во првиот месец од 2014 се изградени, адаптирани и реконструирани вкупно 16 градинки. Осум нови се пред сам почеток на градба или на адаптација или на реконструкција, а седум други се планираат во средината или во втората половина на оваа година да започнат и веројатно за неколку месеци ќе завршат. Практично секоја година ќе тераме една таква динамика, изјави Груевски.
Забележа дека во претнходните децении овој дел бил прилично запоставен и како што рече, ретко да се памти некоја нова градинка да биде изградена или просторија што не била градинка да биде адаптирана во градинка, што е исто како нова градинка, или пак да биде темелно реконструирана.
- Тоа е еден процес којшто долго бил запоставуван. И конечно пред неколку години со фокусирање на Владата на оваа значајна сфера, во одгледувањето и чувањето на децата и нивно растење во една здрава средина, каде ќе имаат сериозна социјализација, ќе научат многу работи, ќе престојуваат во безбедни и здрави услови, Владата се фокусираше и веќе ги имаме првите резултати. Така и ќе продолжиме, рече Груевски, кој заедно со министерот за образование и наука Спиро Ристовски пушти во употреба нова лабораторија на оптички комуникации на Факултетот за електротехника и информациски технологии.