Промовирани монографии за Пере Тошев и Апостол Петков
Во порта „Македонија“ денеска беа промовирани монографиите за македонските револуционери Пере Тошев и Апостол Петков од едицијата „Македонски дејци“.
Монографијата за Пере Тошев е од авторот Михајло Миновски, а Апостол Петков е на Ванчо Ѓорѓиев.
На промоцијата присуствуваа министрите за образование и наука и за култура Спиро Ристовски и Елизабета Канческа - Милевска.
Целта на едицијата, според Ристовски, е одблизу да ги претстави делата на триесеттина македонски револуциоери, кои ги положиле своите животи за слободна и независна Македонија, а досега беа непознати.
- Имињата на овие двајца револуционери се од редот на личностите за кои многу малку се знае во нашата современа држава, а кои со својот живот и дело несомнено заслужиле висок пиедестал во нашата историја, рече Ристовски.
Издавањето на монографиите, додаде тој, фрлаат ново светло на овие значајни ликови од нашата историја, прикажувајќи многубројни досега необјавени факти и вистини за нивните животни приказни и идеолошко делување.
Директорот на Државниот архив Зоран Тодоровски изрази надеж дека со објавувањето и обработката на овие монографии македонската исторографија ќе се збогати со богата продукција на историското минато на Македонскиот народ.
Историчарот Михајло Миновски, револуционерот Пере Тошев го смести во групата на четворицата великани на Македонската револуционерна организација, Гоце Делчев, Ѓорче Петров и Даме Груев.
Ѓорѓиев за Апостол Петков рече е човек за кој многу малку се знаело во сопствената држава, но оти за него се пишувало во Америка, Велика Британија.
- Тој е човек кој работи на теренот, го владеел теренот и ја води борбата директно на теренот, но на специфичен начин, појасни Ѓорѓиев.