Договорена поинтензивна соработка со Општата болница на Виена
Премиерот Никола Груевски во рамки на работниот престој на Австрија денеска ја посети Општата болница на Виена-АКХ со цел конкретна соработка во определени области.
- Со Државната универзитетска болница во Виена, една од најдобрите во Европа напредната во многу области почнавме одредена соработка кога испративме лекари на обука во областите поврзани со патологија. Меѓутоа сега сакаме да ја прошириме соработка и во други области, рече премиерот Груевски по посетата на болницата.
Соработката, како што рече би требало да се прошири во областите каде што болницата има најголем прогрес односно во лекување на канцер, бидејќи АКХ има напреден центар за лекување на оваа болест, но и во други области на трансплантации пред се на трансплантација на црн дроб, срце и бели дробови.
- Ќе се фокусираме на овие делови, бидејќи ова е болница која може многу да помогне во тој дел, истакна Груевски.
Договорена е размена на лекари, пред се нивни да дојдат во Скопје и како што рече заедно со цели тимови да работат на обука и да вршат операции во присуство на наши лекари.
- На тој начин нашите лекари ќе научат нови методи на работа и ќе им помогнат на граѓаните на Република Македонија, истакна премиерот Никола Груевски.
Професор доктор Томас Солиман од Универзитетската клиника рече дека соработката со Македонија на ова поле е секогаш добредојдена, посочувајќи дека во оваа болница постојано се обучуваат кадри од повеќе земји.
- Соработката со Македонија е во повеќе области пред се размена на студенти, доктори. Сите се добредојдени, рече Солиман додавајќи дека секогаш се отворени за соработка.
Болницата Виена Алгемаине Кранкенхаус е најголема и најпрестижна во Австрија. Има десет илјади вработени и прави околу 50 илјади операции годишно. Пред се се фокусира на трансплантација на абдоминални органи.
Премиерот Груевски попладнево ќе има средба со австрискиот канцелар Вернер Фајман. Билатералните односи, европските и евроатлантските интеграции, можноста за зголемување на економската соработка меѓу двете земји ќе бидат дел од темите за кои ќе разговараат Груевски и Фајман.
Во Виена ќе биде одржан и бизнис форум на кој пред поголем број австриски инвеститори премиерот Груевски ќе ги презентира можностите за инвестирање во Македонија.