Министерот Попоски во Брисел се сретна со еврокомесарот Кристалина Георгиева
Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска, во рамки на посетата на европските институции во Брисел, се сретна со Кристалина Георгиева, еврокомесар за меѓународна соработка, хуманитарна помош и кризен менаџмент.
Попоски, како што соопшти МНР, се заблагодари за препораката за почнување пристапни преговори со Македонија усвоена минатиот месец од страна на Европската комисија, чиј член е и комесарот Георгиева. Беа презентирани активностите кои Македонија ги презема во функција на продолжување на подготовките за пристапните преговори и беше образложена потребата од нивно брзо почнување, на линија на трите досегашни препораки на Европската комисија. Особено е потенцирана потребата за принципиелен пристап и уважување на сите вредности врз кои се базира Европската унија.
Шефот на македонската дипломатија ја подвлече и определбата за изнаоѓање решение на билатералниот проблем со Грција, при што истакна дека ЕУ во целина треба да го има предвид заедничкиот, европски интерес кога го разгледува ова прашање. Беше укажано дека во овој момент треба да бидат земени предвид и објективните потешкотии со кои се соочува Грција и кои не ја зголемуваат продуктивоста во контекст на разговорите за името, се вели во соопштението од МНР.
На средбата стана збор и за исполнувањето на приоритетите во поглавјата од европското законодавство од ресорот на комесарот Георгиева, при што Попоски ја информира за претстојните активности на планот на хуманитарната помош и учеството на Македонија во Механизмот за цивилна заштита на Европската унија. Во тој контекст, комесарот Георгиева ја поздрави најавата дека главна тема на завршниот Самит на Македонското претседателство со Процесот за соработка во Југо-источна Европа во јуни 2013 ќе биде намалувањето на ризиците од природни несреќи, а што ќе биде и конкретно поддржано од страна на Европската комисија, информира МНР.