Реновиран Дневниот центар за стари лица во Маџари
Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, градоначалникот на Општина Гази Баба, Тони Трајковски и претседателот на Сојуз на здруженијата на пензионерите на Македонија, Драги Аргировски го посетија реновираниот Дневен центар за стари лица во Маџари, Гази Баба.
При посетата, министерот Спасов потсети дека со цел спроведувањето на заедничките активности околу отворањето на Дневен центар и центар за давање помош во домашни услови во општина Гази Баба, на почетокот јули минатата година бил потпишан Договор за меѓусебна соработка, помеѓу општината и Министерството по што започнало изведувањето на градежно занаетчиските работи, преку реконструкција на просториите во поранешното кино Маџари. Овие градежни работи биле обврска на општина Гази Баба, и биле завршени до крајот на минатата година, а Министерството за труд и социјална политика го опремила со потребната опрема и инвентар.
- Дневниот центар и центарот за давање помош во домашни услови, ќе функционира во простории што се прилагодени и приспособени за работа со лица во трето доба и истиот се формира во рамките и под надлежност на општина Гази Баба. Како корисници на услугите можат да се јават стари лица од населба Маџари, како и од останатите околни населени места во општина Гази Баба, изјави министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.
Тој најави дека во 2014 година се предвидува отворање на три Дневни центри за стари лица.
- За задоволување на реалните потреби на старите лица, Владата и Министерството за труд и социјална политика, и во наредниот период ќе продолжат да преземаат мерки за реформи во заштита на старите лица и во таа насока планирано е натамошно развивање на социјални сервиси за стари лица во државата, во општини каде се јавува потреба и можност за реализација. Така за 2014 година се предвидува отворање на нови вакви центри во општините Неготино, населено место Тимјаник, Чешиново Облешево и Виница, дополни Спасов.
Во Македонија постојат пет дневни центри за стари лица во Чашка, Богомила, Самоков, Бучин и Вевчани. Во соработка со Градот Скопје и Црвениот крст на Градот Скопје се отворија два дневни центри за стари лица и центри за давање помош во домашни услови во Скопје и тоа во Општина Центар и Општина Чаир.
- Министерството за труд и социјална политика, исто така, дава отворена поддршка на сите невладини организации и општини кои се подготвени да го развиваат овој домен на вонинституционална заштита на стари лица. Корисници на услугите на Дневниот центар за стари лица и центарот за давање помош во домашни услови се старите лица кои живеат на подрачјето на општините во коишто се отворени, рече министерот Спасов.