Со гасификацијата на скопскиот регион до големо намалување на трошоците
За четири години скопскиот регион ќе се гасифицира. Избраната компанија, која ќе добие концесија од 20 години, потребно е да изгради најмалку 70% односно 175 километри од потребната мрежа за гасифицирање.
Министерството за транспорт и врски пред компаниите членки на градежната комора при ССК го презентираше проектот за гасификацијата.
Министерот Миле Јанакиески истакна дека повикот за гасификација на скопскиот регион, кој е најголем од трите предвидени за гасификација на цела територија на Македонија, ќе трае до 26 мај годинава.
-Со гасификацијата ќе се намали фиксната цена за трошоците. Огромните намалувања на трошоците се проценуваат на една третина, а инвестицијата за приклучок до системот за природен гас, според процените, се враќа за две до три години, нагласи Јанакиески, кој посочи дека веќе има заинтересирани компании за изградба на овој систем.
Претседателот на градежната комора при ССК, Сеад Кочан, нагласи дека гасификацијата ќе придонесе за поголема рентабилност и продуктивност на компаниите.
-Со гасификацијата се очекува цената на природниот гас да се намали и земјата да стане голем потрошувач на овој енергенс. Со гасификацијата на долг рок треба да очекуваме енергетска стабилност бидејќи ќе имаме и други алтернативни извори на енергија. Таа е важен индикатор за домашните и странските инвеститори во земјава, посочи Кочан.
Согласно проценките за греење со гас во однос на парното, намалувањето на трошоците ќе биде за околу 24 проценти.