Самиот факт дека имаме најмногу медиуми во регионот говори дека медиумите и новинарите имаат потребна слобода

Во екот на тектонските промени во медиумската сфера и реформите на јавната администрација кои со резерва се оценувани во сите извештаи на Европската комисија за напредокот на Македонија, ресорниот министер Иво Ивановски за Вечер дава политичка оценка на регулацијата на двата сектора. Појаснува дека со каталогот за работни места повеќе нема да има вработувања по порачка во администрацијата, која ќе мора да работи според построги критериуми. За регулативите кои ја регулираат медиумската сфера најави целосно спроведување на донесените закони, без разлика дали некому тоа му се допаѓа или не. Вели дека со самиот факт што во Македонија се регистрирани најмногу медиуми по глава на жител во целиот балкански регион, говори дека медиумите и новинарите ја имаат потребната слобода за работа


Колку нашата земја денес е Е-Македонија?
- Не постои едноставен одговор на ова прашање, имајќи го предвид значењето на придавката "Е". Има многу извештаи коишто следат разни индикатори и врз база на нив сме различно рангирани, но најинтерес и најсеопфатен според мене е извештајот што за прв пат во Давос оваа година го презентираше Бостон консалтинг груп (БКГ) од Бостон, САД наречен Е-Фрикција. Тие ги мерат "препреките" за напредокот на една држава да прерасне во Е-Држава. Имав можност овој извештај за прв пат да го видам во Лондон минатата година, но беше забранет за јавноста се до одржување на конференцијата во Давос каде што Македонија не беше опфатена. При средбата што ја имав со генералниот директор на БКГ лично го замолив да направат дополнителни анализи и да ја рангираат и Македонија, за којашто тој се согласи и пред неполна недела ги добив резултатите. Генерално сме рангирани на 37. место во светот, што е високо достигнување за Р. Македонија, што значи дека сме во земјите со мал коефициент на фрикција или препреки за развој на Е-Македонија. Од четирите подгрупи, најсилни сме во Инфраструктурата на 27. место, па достапноста на информации на 36-то, користењето на технологиите од страна на граѓаните на 41-во и истиот индикатор за индустријата на 45-тото место.

Помалку од два месеци остануваат до гласањето за претседател. Има ли шанси, во блиска иднина во Македонија избори да се спроведуваат со електронско гласање. Сте размислувале ли за ваков проект?
- Овој проект за Е-Гласање го имавме за прв пат предложено во нашата изборна програма во 2008 година и во еден период се водеа разговори помеѓу лидерите на политичките партии, но СДСМ не се согласи да се оди на оваа опција. Јас сум убеден дека Македонија има капацитет да спроведе регуларни изборни со гласање преку интернет. Имаме одлична инфраструктура, имаме над 65% од домаќинства што имаат и компјутер и интернет, имаме доволно ИК писмена нација да се реализира овој современ метод на гласање. Штом има согласност од опозицијата, ние сме спремни да започнеме со реализација. 

Зошто и покрај досегашните најави во земјава се уште не е вклучена во Пејпал?
- Повеќе пати сум одговорил дека одлуката е на ПејПал. Јас сум во постојан контакт со врвното раководство на ПејПал на светско ниво и им правам максимален притисок за да го прошират нивниот систем за да ја опфатат и РМ. Пред започнувањето на светската криза, таа одлука беше донесена од нивна страна, но после тоа ја стопираа процедурата. Сега отворено можам да ви кажам дека последниот разговор што го имав во декември 2013 со генералниот финансиски директор на ПејПал г. Патрик Дупуис ме информира дека надградбата на нивниот систем за вклучување на Македонија во ПејПал е во напредна фаза и дека за скоро време ќе почнат со тестирања. Штом имам нови информации, со задоволство ќе ве информирам.

Која е целта на новите законски решенија за вработувањето во државната администрација?
- Целта е да се постави систем каде што најдобрите ќе добијат работа во администрацијата, најспособните и најквалитетните вработени во администрацијата ќе бидат наградени и ќе им се овозможи да напредуваат, а за најслабите да се воведат посебни курсеви и да им се помогне што повеќе да го подобрат нивното работење. Доколку и тоа не им помага, ќе мора да го отстапат своето работно место, за други нови коишто ќе ги задоволат потребите на граѓаните. Сето ова што го напоменав да биде направено транспарентно со мерливи параметри, без политичко влијание. 

Најавивте формирање на каталог на работни места во администрацијата. Дали со неговото формирање граѓаните ќе добијат поефикасни услуги?
- Каталогот на работни места ќе биде завршен за неколку месеци, се разбира доколку не настанат некои проблеми со изборите. Со него се прави детална анализа на сите работни позиции во државната и јавната администрација, со цел да се идентификуваат работните места што имаат исти работни задачи, а имаат различен наслов. Откако ќе се завршат сите анализи во Македонија ќе има некаде до 5.000 различни работни места, а не како што е сега, околу три пати повеќе. Тоа значи дека во иднина нема да може да се креираат нови работни места по "порачка", односно да може само едно лице да ги исполнува тие услови и од старт да се знае за кого е отворено тоа место. Ќе се стандардизираат работните места и ќе биде многу поефикасна постапката за проширување на систематизациите во централната и локалната власт. Овој каталог ќе биде основата за политичка идна одлука за израмнување на платите во администрацијата. 

Кој во иднина ќе може да стане државен службеник? Кои се основните критериуми?
- Основен критериум е знаење. Во зависност од позицијата на којашто аплицира, критериумите се повисоки. Од познавање на странски јазици, компјутерски вештини, менаџерски способности, психолошки тестови, тест за интегритет и други. Можеби делува застрашувачки, но системот е направен според најдобрите пракси во светот и е многу подобар од голем број земји-членки во ЕУ.

Што ако се јави суфицит од државни службеници? Ќе има ли отпуштања?
- И постоечкиот систем дозволува да отпуштите било кој државен службеник од работа доколку два пати последователно го оцените со единица, но никој тоа не го прави. Не го прават, не дека не го заслужуваат, бидејќи нема објективност во постоечкиот систем. Голема и моќта на претпоставениот. Со новиот систем се намалува влијанието на 65% од оцената на самиот претпоставен. Дел од администрацијата ќе биде и директно оценувана од самите граѓани и тоа директно ќе им влијае во кариерата. Во секој функционален систем природно е да има отпуштања за да има нови вработувања. Но тоа мора да биде транспарентно, да не се доведе до политички реваншизам. 

Дали новите критериуми што се предвидени ќе ја зајакнат македонската администрација?
- Секако дека ќе ја зајакнат. Секој службеник задолжително ќе мора да посетува минимум 40 часа годишно обука, ќе мора да ги положат тестовите за познавање на странски јазици, компјутерски вештини и други вештини потребни за нивното работно место. Ќе се постават мерливи индикатори на почетокот од секое полугодие врз база на што ќе се мери нивната продуктивност. Кој ќе сработи повеќе од тоа, ќе има можност да биде награден и да влезе во најдобрите 5% што ќе добијат една цела плата награда. Ќе има конкуренција помеѓу самите вработени.

Администрацијата е една од клучните сегменти за непречено функционирање на институциите. Колку сте задоволен од досегашните реформи во јавната администрација?
- Реформата на администрацијата мора да е континуиран процес. Како што се менува начинот на живеење, мора да се трансформира и администрацијата. Има институции од коишто сум многу задоволен од начинот на кој се спроведуваат реформите, но имаме и институции каде што резултатите се катастрофални. И за нив преземаме посебни мерки. 

Како Влада, направивте неколку проекти, меѓу нив и оценувањето на админстративците од граѓаните. Какви се анализите, какви резултати даде тој проект?
- Резултатите се доста добри. Има голема разлика од една иста институција каде што е инсталиран уредот за оценување, со подрачна единица каде што не е до аспект на ефикасноста. Значи моќта што им ја даваме на граѓаните да ја оценуваат администрацијата директно влијае врз продуктивноста на таа канцеларија. Ќе инсталираме ваков уред пред секој шалтер, но да не заборавиме дека граѓаните можат оценувањето да го направат и електронски преку интернет и за оние институции што немаат уред пред шалтерите на веб страницата њњњ.семафор.миоа.гов.мк

Досега во македонскиот медиумски простор, речиси немаше законско решение за регулирање на медиумите. Што ќе овозможат законите за медиуми и за аудио-визуелни услуги?
- Законите се направени според препораките на Советот на Европа, директивите на ЕУ и предизвиците што се во нашето општество.
Со Законот за медиуми се зголемува правната и социјалната сигурност на новинарите и уредниците во самите медиуми.
Во однос на Законот за аудио-визуелни услуги, ќе се подобри медиумскиот сектор, ќе се креираат повеќе македонски играни и документарни серии, ќе се воведат фер правила за развој на медиумите, согласно комерцијалните услови на националниот пазар, што значи професионално извршување на својата работа.

Дел од новинарската фела (поточно ЗНМ) и одредени експерти не ги поддржаа законите, а се појавија на преговори за да добијат од законските привилегии и повторно плукаа по вас како министер. Велат, на овој начин државата ќе стане главен уредник на сите медиуми?
- Државата ниту сакала, ниту некогаш имала намера да се меша во уредништвото на медиумите. И најдобрите намери што ги имавме каде што предлагавме конкретни членови во законите за дополнително да се заштитат новинарите од уредниците или сопствениците од една група на новинари не беше прифатено и беше побарано да се избришат тие делови или да им се одземат ингеренциите на Агенцијата за аудио-визуелни и медиумски услуги. Ние тоа го направивме. Искрено се надевам дека саморегулационото тело на медиумите ќе функционира како што тоа функционира во развиените демократски земји. Јас лично го поддржувам ова тело и ја поздравувам одлуката на највлијателните медиуми што се вклучија во него. 

Ќе ги преброите членовите на МАН и ЗНМ? Ќе има ли дисквалификации за манипулаторите кои поднесоа бројки без идентитет спротивно на Законите за медиуми и аудио-визуелни услуги?
- Ние сме во процес на анализирање на доставените документи од двете здруженија. Во тек е одлуката како ќе постапиме со ЗНМ, но во секој случај законот мора да се испочитува до крај. 

Претставничката на ОБСЕ, Дуња Мијатовиќ го поздрави донесувањето на медиумските закони, што беше различно протолкувано од различни медиуми. Кој е вашата лична перцепција за тоа, после разговорот со неа?
- Изјавата на госпоѓата Дуња Мијатович беше многу јасна дека законите за медиуми се добри. Не знам како може зборот ДОБРО некој да го протолкува поинаку. Јас во целиот процес на донесувањето на законите и во Собрание кажував дека имаме силна поддршка од ОБСЕ, додека опозицијата си кажуваше што им одговара. Сега дојде време каде што целата македонска јавност можеше да ја види и слушне нејзината изјава, па самите да одлучат кој лажел, а кој не лажел во Собранието. 

За две години, според најавите 50% од програмата ќе мора да биде од домашно производство, наместо досегашните шпански и турски серии. Но, што мислите, дали телевизиите и продукциите имаат капацитет да произведуваат толку многу сопствена програма?
- Мислам дека Македонија има капацитет да произведе доволно сопствена продукција за 50% од програмата да биде домашна. Самите телевизии не мора да ја произведуваат, тие можат и истата да ја купат, но да биде од домашна продукција. Со ова очекувам дека ќе заживее цела нова индустрија, каде што домашните уметници ќе можат да ја развиваат својата кариера во Македонија. Ќе имаме повеќе интерес за младите студенти да учат за сценаристи, сценографи, монтажери, режисери и сл. професии кои се дефицитарни во нашата земја. Искрено се надевам и дека дел од тие емисии ќе успеат да се пробијат и во други држави, па ќе можат во тие држави да ја следат македонска продукција.

 

Извор: „Вечер“

Новинар: Јованка Царулевска

Фото: Н.Батев