Министерот Попоски во посета на Европскиот парламент
Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски денеска во Брисел ќе има обраќање пред Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент во пресрет на објавувањето на нацрт-текстот на Резолуцијата за напредокот на Македонија во 2011 година.
Како што соопшти МНР, Попоски ќе побара поддршка од европратениците за реализација на препораката на ЕК за почеток на пристапните преговори со Македонија. Во своето излагање тој ќе ги презентира постигнувањата во однос на критериумите за членство на Македонија во изминатата година, како и активностите на Владата преземени по објавувањето на годинашниот Извештај на Европската комисија за напредокот на земјата.
Во рамките на посетата на Европскиот парламент, министерот Попоски ќе има средба со потпретседателот Ласло Токеш, како и со повеќе европратеници.
Македонскиот министер за надворешни работи вчера во Брисел имаше средба со еврокомесарот за меѓународна соработка, хуманитарна помош и справување со кризи Кристалина Георгиева, а треба да се сретне и со директорот во Европската служба за надворешна акција Мирослав Лајчак.
Првиот македонски дипломат ќе настапи и на Самитот за Балканот на високо ниво во организација на фондациите Пријатели на Европа, Конрад Аденауер и ЕУ40, на кој се очекува да учествуваат и високи претставници на ЕУ, министри за надворешни работи, европратеници и реномирани меѓународни аналитичари.