Со гасификацијата Клиничкиот центар месечно заштедени 8,66 милиони денари

Месечната заштеда на средства која е добиена како резултат на затоплувањето на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“-Скопје на гас наместо на мазут, како што тоа било минатата година, изнесува 8.660.224 денари (140.816 евра).

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, кој рече дека тие средства се реалоцирани и е овозможено отпочнување на гасификација на Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје, на ПЕТ Центарот во нејзина близина, како и на Поликлиниката Букурешт. Тој нагласи дека почнат е проектот за изградба на систем за гасификација, односно обезбедување приклучок за гас (чија вредност изнесува девет милиони денари) за Градската општа болница „8 Септември“, Поликлиниката Букурешт, новиот објект за ПЕТ-Центар, кои ќе имаат можност да се поврзат на тој систем и оти се очекува во јуни да почне употребата на гас.

- Очекуваме наредната година да имаме сериозни заштеди на средства и во ГОБ „8 Септември“, а исто така тоа да има сериозно позитивно влијание на животната средина во Карпош и околината, рече Тодоров.

Укажувајќи на ефектите од имплементацијата на проектот за гасификација кои се јасно изразени од финансиски и од еколошки аспект, посочи дека со поставувањето гасификациската мрежа од речиси 1,5 километар и почетокот на работа на гас на Топланата при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“-Скопје, сите клиники се опфатени со гасификацијата преку централната котларница, и додаде дека планираат таа позитивна мерка да ја воведат и во рамки на други здравствени установи.

- Овој капитален проект, кој го промовиравме во ноември 2013, досега овозможи големи придобивки за здравствените установи, бидејќи со овој начин на затоплување на објектите се заштедуваат значајни износи финансиски средства. За илустрација, во месец февруари 2013 година за затоплување се потрошени 20 цистерни мазут, кој чинел 20.135.571 денари (по 1 цистерна мазут на ден), а по спроведената гасификација на Клиничкиот центар, во февруари 2014 година за затоплување се потрошени 398.750 m3 гас, во износ од 11.475.347 денари. Јасна и евидентна е разликата од 8.660.224 денари, појасни Тодоров.

Доколку, истакна министерот, ги земеме предвид податоците од Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија, во февруари 2013 година за топловодно греење и технолошка пареа со мазут како енергенс, биле потрошени 23.259 евра (за еден месец), додека за топловодно греење и технолошка пареа со гас како енергенс, во месец февруари 2014 година, биле потрошени 18.246 евра, пришто пресметките покажуваат дека заштедата изнесува 5.013 евра на месечно ниво.

- На Универзитетската клиника за детски болести за греење на мазут потрошени се 27.435 евра во 2013 година, додека за греење со системот на гас потрошени се 21.993 евра, односно заштедата изнесува 5.441 евра. На Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, потрошени се 34.367 евра со стариот систем на затоплување, додека со новиот систем на гасификација пресметаната потрошувачка е 27.668 евра, односно само на оваа клиника на месечно ниво заштедени се 6.698 евра, потенцира Тодоров. 

Укажа дека на овој начин значително го намалиле загадувањето на воздухот во централното градско подрачје, но и во целиот град, за разлика од порано, кога со стариот систем на затоплување се испуштале околу 100 тони сулфур диоксид во воздухот на годишно ниво.

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа дека презентираните податоци се контра обвинувањата на опозицијата, која пред неполн месец тврдеше дека Клиничкиот центар не се грее на гас, рече „Клиничкиот центар се грее на гас, и ова се фактите и доказите“.

- Можете да одите во секоја од клиниките, ќе видите колку е намален износот на средствата кои ги плаќаат. Кредибилноста е во остварените резултати и се гради со реализиран проект. Ефектите од него се видливи-8,6 милиони денари заштеда само за еден месец, додаде Тодоров.