Груевски: Новиот Европарламент да го задржи континуитетот на проширувањето
Верувам дека и новиот состав на Европскиот парламент и новиот претседател на Европската комисија ќе го задржат континуитетот на политиката на поддршка на процесот на проширување на Европската унија со земјите од регионот и кон Република Македонија.
Ова синоќа го изјави премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во обраќањето пред присутните на конгресот на Европската народна партија што се одржува во Даблин, Република Ирска, а на кој присуствуваат 2.000 учесници, над 800 делегати со право на глас и 12 шефови на влади на земји членки на ЕУ.
- Владата на Република Македонија на тој план спроведува длабоки политички и економски реформи, кои се насочени кон исполнување на неопходните критериуми за членството во Европската унија, подобрување на животниот стандард и квалитетот на живеењето на македонските граѓани, како и кон јакнење на капацитетот на институциите на Република Македонија, посочи премиерот Груевски.
Тој изрази надеж дека петте последователни препораки на Европската комисија за отпочнување на пристапните преговори со Република Македонија, засновани на постигнатите резултати во реформите и степенот на исполнетоста на Копенхашките критериуми ќе бидат материјализирани со соодветна одлука на Европскиот совет, истакнувајќи дека поддршката на Европската народна партија за остварување на оваа цел е од клучно значење за Македонија.
Премиерот Груевски се осврна и на претстојните избори на Европскиот парламент што е и главната тема на Конгресот на Европската народна партија. Тој истакна дека со одлуката за избор се влијае врз идната Европска унија и начинот на нејзиното дејствување. Воедно, изрази убедување дека токму кандидатот на Европската народна партија за претседател на Европската комисија ќе биде вистинската политичка фигура која ќе ги претставува интересите на европските граѓани и дека целосно ќе го вложи својот политички и личен интегритет во јакнењето на европскиот проект и соочувањето со актуелните предизвици.
Во текот на вчерашниот ден на Конгресот на ЕПП беше потврден изборот на Жозеп Дол за претседател на Европската народна партија. Дол на оваа функција доаѓа на местото на Вилфред Мартинс, кој почина минатата година. Конгресот ја усвои и Акциската програма на ЕПП 2014-2019 како и повеќе други резулуции и декларации.
Конгресот денеска продолжува со работа при што се очекува да биде избран кандидатот на Европската народна партија за претседател на Европската комисија.
Во делегацијата која го придружува премиерот Груевски во Даблин се членовите на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Мартин Протоѓер, Влатко Ѓорчев и Никола Попоски, кој е и актуелен министер за надворешни работи. Се очекува на Конгресот македонската делегација да оствари контакти и интензивна комуникација со повеќе европски лидери.
Меѓу присутните на Конгресот во Даблин се и германската канцеларка Ангела Меркел, шпанскиот премиер Мариано Рахој, полскиот премиер Доналд Туск, премиерот на Унгарија Виктор Орбан, како и актуелниот претседател на Европската комисија Жозе Мануел Баросо и претседателот на Европскиот совет, Херман ван Ромпуј.
Европската народна партија е најголемата политичка партија на европско ниво, со 12 шефови на влади на држави од Европската унија, 13 членови на Европската комисија како и со најбројна група во Европскиот парламент. Таа претставува најголемата и највлијателна политичка партија на повеќе одлучувачки нивоа во ЕУ.