Министерот Ристовски се сретна со раководството на Студентскиот парламент при УКИМ

Министерот за образование и наука Спиро Ристовски заедно со ректорот на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, Велимир Стојковски денеска се сретнаа со раководството на Студентскиот парламент на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ - Скопје. Пред средбата Ристовски изјави дека врз основа на постоечките активности, тековните проекти, реформи кои се спроведуваат, ќе дискутираат за повеќе процеси кои се случуваат во делот на високото образование во Република Македонија.

Во целиот период наназад, истакна министерот, сме во континуирана комуникација и соработка со Студентскиот парламент, посебно во делот на реформите кои се спроведуваат во високото образование.

- Во најголем дел за нас од исклучително значење се сите конструктивни идеи забелешки, препораки по кои ние главно се обидуваме да ги креираме нашите политики за следниот период и за сите реформи кои следуваат и треба да се спроведуваат во високото образование, бидејќи суштината на спроведувањето на сите реформи е неопходно  да биде обезбедно врз основа на соодветен консензус и поддршка од главните актери во целиот процес, потенцира Ристовски.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека проектот „Превод на 1000 стручни, научни книги и учебници“, е една од точките на средбата.

- Врз основа на првичните информации и комуникацијата која ја имавме со студентите досега, тие го изразуваат своето исклучително задоволство од имплементацијата на овој проект затоа што при неколку кажувања фактички од нив произлезе  и дел од иницијативите, тоа да стане задолжителна литература, затоа што и самите студенти реагираа на изучувањето на определени, потенцирам определени предмети од скрипти. Не можам да кажам дека сите професори тоа го практикуваат како процеси, како пракса, напротив има професори кои користат литература од светски најреномираните универзитети, истакна Ристовски.

Тој рече дека „Превод на 1000 стручни, научни книги и учебници“, е проект, кој се спровел врз основа на предлози, идеи за наслови и книги од автори кои им ги посочиле факултетите односно универзитетите или поточно професорите кои предаваат на соодветните катедри. 

- Како Влада во следниот период ќе продолжиме да го реализираме целиот овој процес и ќе продолжиме  со негова се поголема презентација со тоа што последниот период планираме  и промоции по наставни програми, по соодветни факултети и области, да се врши во континуитет промоција на овој проект за се поголема искористеност на овие учебници затоа што сметаме дека македонскиот студент имам право да студира и учи од истите книги од кои учат и студентите на најреномираните светски универзитети, нагласи Ристовски. 

Во врска со тоа какви се реакциите по однос на законските измени за студентскиот стандард и во однос на сместувањето, рече дека и тоа е една од точките за која денеска треба да се дискутира.

Таков еден крупен процес, како што е промена на начинот на сместување и распределба на студентските стипендии, како што посочи, не може да се реализира ако ние немаме соработка со Студентскиот парламент.

- На  почеток постоеше извесен ризик, нормално кај студентите постоеше на еден начин страв како сето тоа ќе се рефлектира и одрази на целокупното досегашно сместување на студентите, но при процесот на распределбата со оглед на максималната правичност и исполнувањето на законските услови кои беа неопходно наведени во Законот да бидат исполнети, се покажа дека ова е правичен процес, кој овозможи сместување на оние студенти на кои најмногу им беше потребно сместување и исто така и стипендии им беа поделени на оние категории кои беа јасно дефинирани во Законот, додаде Ристовски.