Премиерот Груевски во Гостивар промовира инвестиции во болницата од над 1,5 милиони евра
Претседателот на владата на Република Македонија, придружуван од министерите за здравство Никола Тодоров и за локална самоуправа Невзат Бејта ја посети гостиварската општа болница „Ферид Мурад“ и ги промовира инвестициите во оваа здравствена установа.
Во изминатава година, преку Министерството за здравство, во подобрување на условите за згрижвање на пациентите вложени се над 1,5 милиони евра.
Според премиерот Груевски, Гостивар сега има болница каква што посакувале и граѓаните и медицинскиот персонал.
- Ми преставува задоволство што слушнав дека со овие инвестиции и инсталираната опрема, потребите на оваа болница ќе бидат задоволени за наредните десет години. Во иднина граѓаните нема да патуваат до Скопје и други градови, бидејќи тие услуги ќе ги добиваат овде, рече Груевски по посетата на одделенијата во Гостиварската болница.
Тој потсети дека изминатава година во здравството се инвестирани околу сто милиони евра и најави уште толку во нареднив период.
Според минсиертот за здравство Никола Тодоров, во најголемата здравствена установа во Гостиварско, инсталирани се апарат за компјутерска томографија, ехо апарат за срце, лапароскоп за абдоменална хирургија, кардиолошки ехо апарат, стационарна машина за дишење и опрема за гастроскопија. Вредноста на иснатлиранта опремат надминува еден милион евра.
- Условите во Болницата се подобрени и со целосната реконструкција на Инфективното одделение. Деновиве отпочнато е и реновирањето на Машкиот оддел на интерното одделение. Вредноста на овие инвестиции достигнува 24 милиони денари, рече Тодоров.