Министерот Ристовски го посети Институтот за земјотресно инженерство
Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) учествува во европските рамковни програми и беше координатор на FP7 (Седмата рамковна програма). Целта на Институтот е да го добие признанието „Европски центар на извонредност“, што е предвидено во новата европска програма „Хоризонт 2020“.
ИЗИИС минатата година беше прогласен за Институт на УНЕСКО по барање и апликација на Владата на РМ. Институтот има врвна опрема за симулирање и тестирање на квалитетот на објектите во изградба, која денеска беше демонстрирана и пред министерот за образование и наука Спиро Ристовски.
Директорот на ИЗИИС Михаил Гаревски рече дека сеизмичката платформа која ИЗИИС ја има од 1981 и во тоа време била најдобра во Европа, со донација од 500.000 евра од Седмата рамковна програма (ФП7) е надгрдена во петкомпонентна со дигитална контрола.
- Ваква нова платформа би чинела околу шест милиони евра. Има е место за уште една додатна компонента и ако платформата се комплетира и со неа, таа ќе биде шесткомпонентна и повторно ќе биде најдобра во Европа. Таа шеста компонента би чинела околу 300.000 до 400.000 евра, рече Гаревски.
Министерот Ристовски изјави дека МОН ќе ја поддржува научно-истражувачката работа на ИЗИИС која, како што рече, е важна за сите граѓани зашто најмногу се контролираат станбени објекти.
- МОН и натаму ќе продолжи да му дава поддршка на институтот, пред се во насока на доопремување на неговите потреби, во најголем дел за сеизмичката платформа. Во следниот период МОН интензивно и многу конкретно ќе настојува да му помогне на институтот во апликацијата за програмата „Хоризонт 2020“ и да се стекне со статус на центар на извонредност по европски стандард, што е предизвик, потврда за значењето и квалитетот на институтот во Македонија и во регионот, зашто со својата работа тој е конкурентен и во Европа, рече Ристовски.
Со измените на Законот за градежништво, сите градежни проекти и секој објект се контролирани од ИЗИИС.
- Околу 200 до 250 објекти биле кај нас на контрола. Има екипа која изготвува мислења и доколку е тоа позитивно, може да се почне со градба. Мислам дека овој потрег е во интерес на граѓаните и на самата држава, зашто објектите ќе бидат проверени од самото проектирање, па до завршувањето на конструкцијата. На овој начин ризикот од земјотреси буквално ќе се сведе на минимум, рече директорот на Институтот.