Ќе се подобрува способноста на планските региони за искористување ИПА средства
Со грант од 400.000 евра од германската и швајцарската влада осумте плански региони во Македонија ќе ги подобруваат способностите за подготовка на техничка документација за конкурирање за претпристапните фондови од Европската унија.
Тоа ќе се реализира преку Програмата за регионален економски развој во Македонија (ГИЗ РЕД), која во земјава се спроведува од 2008 година.
Програмата што трае до 2014 година во моментов е во втората фаза, а од 1 ноември 2012 година покрај Германското друштво за меѓународна соработка ГИЗ ја кофинансира и Швајцарската агенција за соработка и развој. Нејзината цел е да обезбеди рамномерен регионален развој во Македонија.
- Кај дел од општините што имаат право да конкурираат за проекти од ЕУ забележавме дека главен проблем е недоволната подготвеност на проектите. За таа цел побаравме од донаторската заедница, конкретно од Германија и Швајцарија, да се обезбедат средства со кои во конкретниов случај на околу 30 проекти ќе им биде помогнато да подготват документација со која понатаму ќе се конкурира за претпристапните фондови од ЕУ во вредност од преку 32 милиони евра, изјави вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски на паузата на „Промоција на регионални проекти подготвени во Грантовата шема условена со перформанси“, во организација на ГИЗ.
Тој посочи дека проектот претставува одлична можност за стекнување искуства за натамошниот процес на подготовка и спроведување проекти на регионално ниво од страна на планските региони и центрите за развој на планските региони.
- Развојот на планските региони и реализацијата на проекти од нивна страна претставува одлична можност за обезбедување поголем раст на економијата, креирање нови вработувања, подобрување на образованието и здравјето на граѓаните и обезбедувањето на подобар животен стандард. Владата во изминатиот период реализираше бројни активности и проекти со цел да оствариме динамичен и одржлив развој за да се обезбеди демографска, економска, социјална и просторна усогласеност помеѓу и внатре во рамките на планските региони, рече Пешевски.
Нагласи дека искористувањето на европските средства како комплементарни на она што државата го прави за рамномерниот регионален развој навистина ќе помогне во подобрување на животниот стандард и стекнувањето на подобри услови за живеење на локалното население, подобрување на инфраструктурата и се она што значи работа и функционирање во рамки на еден плански регион.
- Владата продолжува и понатаму со своите политики за рамномерен регионален развој, а сите министерства се во голема мерка вклучени во тоа. За да има државата квалитетен развој мора да се внимава на сите региони и да има соработка меѓу локалната и централната власт. Очекуваме овој проект на подолгорочни основи да даде добри резултати, потенцира Пешевски.