Направени првите кардиохирушки операции во јавното здравство
Направени се првите кардиохирушки интервенции во јавното здравство во Република Македонија.
Министерот за здравство Никола Тодоров денеска на прес-конференција информира дека операциите се извршени во хируршката сала на Клиниката за детска хирургија, а пост оперативниот третман продолжил во просториите на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување.
- Првиот пациент е на возраст од 63 години, со вградени ендо протези на двата колка и извршена операција на артериовенска малформација на мозокот, кај кој при рутински преглед е откриено сигнификантно стеснување на аортната валвула. Опериран е и вградена му е валвула. Вториот пациент е 61 година, примен на Клиниката во потешка општа состојба со повеќе коморбидитети (хронична опструктивна болест, дијабет) и вградени му се три коронарни артериски бајпаса. Оперативниот и постоперативниот тек на пациентите се сосема уредни, без компликации, истакна Тодоров.
Интервенциите, додаде тој, се изведени од тим предводен од реномираните италијански кардиохирурзи Роберто Чини и Антонино Маруло, заедно со македонските доктори во соработка со искусни српски и босански колеги.
- Италијанските кардиохирурзи освен што се директно вклучени во овој проект, истовремено вршат и едукација на македонските доктори на Државната кардиохирургија, која едукација ќе се однесува на пренесување на нивното искуство, вештини, методи на работа и знаења од областа на кардиохирургијата, појасни Тодоров.
На 63-годишниот пациент, кој имал вродена маана на аортната валвула, Чини истакна дека му вградиле механичка валвула, а другата била прочистена.
- По операцијата и затворањето на аортата, направивме нова операција со специјална протеза на проширувањето на овој најголем крвен сад. Во иднина пациент нема да има потреба од друга операција од ваков вид, рече Чини.
Според Маруло, вториот пациент бил со дифузни промени на коронарните крвни садови, но и други останати болести.
- Му направивме троен бајпас, каде главната артерија на срцето е бајпасирана со артерија, која се премостува и нормално тече на задната страна од градната коска. Останатите две артерии се премостени со вена извадена од ногата. Задоволни сме од резултатот, срцето си ја врати функцијата без помош на никакви лекови. Пациентот ќе има голем бенефит од операцијата, а срцевата функција во иднина уште повеќе ќе му се подобрува, појасни Маруло.
Нивната цел, додаде тој, е да создадат добар тим и да го пренесат сопственото знаење и искуство.
- Целта е да создадеме тим кој ќе цели кон совршенство, во корист на пациентите во јавното здравство. Ние сакаме да работиме по модерни стандарди и со најнова технологија и инструменти, од што најголема корист ќе имаат пациентите, рече Маруло.
Министерот Тодоров одговарајќи на новинарско прашање за изградбата на Клиниката за кардиохирургија информира дека во тек се подготовките за адаптација на просторот на клиникатата за Кардиологија.
- Рокот за завршување на градежните работи е два месеца од потпишување на договорот. Се работи за простор од 600 метри квадратни, кој се состои од приемен дел, амбулантен дел, стационар, оперативен блок и оддел за интензивна нега, истакна Тодоров.
Според него, во завршна фаза е тендерот за набавка на нова опрема (монитори, дефибрилатори, оперативни столови, фибербронхоскоп и друга современа апаратура за соба за опоравување и за интензивна нега). Вкупна вредност на двете набавки изнесува приближно 2,5 милиони евра.
Антонино Маруло е доктор и професор на Универзитетската болница Ла Сапиенца од Италија, која е една од најпрестижните болници во Италија, а Роберто Чини е реномиран кардиохирург со искуство во повеќе врвни медицински центри во светот.